Партиите не постигнаа договор

20.10.2015 13:01

И по 12 часа разговори во резиденцијата на евроамбасадорот орав, не е постигнат договор меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии. Сепак, според еврокомесарот Хан, постојат сеуште шанси за конечен договор...

Партиите не успеаја да се договорат. Маратонската трета средба во Пржино не заврши како што очекуваше еврокомесарот Хан. Разочаран, но со слаб оптимизам  замина од Скопје. Нови рокови не постави, единствено побара постоечките да бидат испочитувани и партиите да се договорат во текот на денот.

Договор нема, но имало приближување на ставовите за сите теми кои биле отворени, а особено за изборниот законик, изјавија од ВМРО- ДПМНЕ по завршувањето на средбата. Очекуваат  уште денеска да се најде во Собрание. Од владејачката партија велат дека најмногу несогласувања имало околу објавувањето на прислушуваните материјали и надлежностите на замениците министри, бидејќи тие не постојат во уставот.

Лидерот на СДСМ вели дека не е се загубено. Рече дека до крајот на денот има време да се испочитува рокот за да се изгласа целосниот тим на обвинителката Јанева и да се избере техничка влада.

Лидерот на ДУИ, Ахмети констатира дека и покрај тоа што не постигнале договор, работните групи на четирите партии ќе продолжат да преговараат.

Еврокомесарот ги потсети политичарите дека неуспешноста на синоќешните преговори може да се одрази на македонските евроинтеграции со оглед на претстојниот извештај за напредок на земјата што треба да биде објавен за две недели во Брисел.

 

Катерина Топалова