Научното богатство на МАНУ достапно на интернет

20.10.2015 13:10

Научниот фонд на Македонската академија на науките и уметностите, преку Википедија на македонски јазик, станува достапен за јавноста. Научното богатство на МАНУ од сите области, отсега ќе може слободно да се користи на интернет. МАНУ е втората институција, по државниот архив, што електронски ги документира архивите на глобалниот пребарувач...

Повеќе од 160.000 библиотечни единици, научен и стручен фонд кој го поседува библиотеката на МАНУ, отсега ќе биде достапен за јавноста. Здружението „Споделено знаење“ и МАНУ, потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспостави функцијата „матичен википедијанец“. Статиите на Википедија ќе можат да се користат со точни, веродостојни и проверени научни податоци. Главната задача на матичниот википедијанец е да пребарува книги и научно - истражувачки материјали, кои подоцна би се користеле за уредување на статиите, со особен осврт на географијата, археологијата, културно историското наследство и историјата на македонија.

„Ова е втор матичен википедијанец во Македонија - првиот се воспостави во јуни во Државниот архив на Р. Македонија, кој веќе си работи. Ова ќе биде втор и негова главна задача претставува пронаоѓање, скенирање односно отсликување на одредени материјали, како книги, текст, важни материјали, со особено внимане на почитувањето на авторските права“, изјави Марио Шаревски, матичен википедијанец во МАНУ.

Во 2010-та година светската Викимедија фондација ја започна ваквата соработка со врвните научни и образовни установи од цел свет, со цел уредување и споделување на поверодостојни и поквалитетни податоци. Досега се опфатени над 110 институции.

Покрај Британскиот музеј, Националниот архив на САД, Националните библиотеки на Велика Британија, Данска и Израел, Државниот архив на МАНУ е втора установа во Македонија во која ќе се воспостави матичен википедијанец.

 

Александра Перевска