„Учиме од бизнис заедницата“ за подобар деловен амбиент
Утре ќе се објави нов јавен повик до компаниите за уште едно пријавување за учество во проектот „Учиме од бизнис заедницата“. Ќе трае во наредните два месеца, за да се подобри соработката меѓу владата и приватните претпријатија за унапредување на деловниот амбиент во земјава. Од 2010 досега се разгледани околу 700 барања, и се посетени 517 компании...

Со свои предлози компаниите ќе можат да ја креираат бизнис-климата во земјава. Од утре, па во наредните два месеца фирмите ќе можат да аплицираат за учество во проектот „Учиме од бизнис заедницата“ која Владата го спроведува петти пат. Надлежните велат дека се отворени за соработка.
„Тимови ќе извршат посети во сите пријавени компании и непосредно ќе ги слушнат предизвиците со кои тие се соочуваат, како и предлозите кои сметаат дека би можеле да придонесат за подобрување на бизнис климата во земјата“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
За пет години се посетени вкупно 517 компании и се разгледани околу 700 барања и иницијативи на компании. Повеќе од 200 барања на компаниите се усвоени преку овој проект. Дел од иницијативите се вградени во економски реформи.
Измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, скратување на постапките за донесување на урбанистичко планска документација, воспоставување на директната авионска линија Охрид - Лондон се дел од барањата на компаниите во изминативе циклуси на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.
Наташа Јанчиќ
