Балканска мигрантска рута

Хрватска ќе постави ограда на границата со Србија

20.10.2015 16:23

Хрватската влада е подготвена да ја изгради на границата со Србија ако пропадне планот Ц за транзит на бегалците. Ако Словенија или Австрија го редуцираат нивниот број, ќе мораат и тие да го сторат истото, велат хрватските власти...

Во најава е нова ограда на балканската мигрантска рута – хрватската влада е подготвена да ја изгради на границата со Србија ако пропадне планот Ц за транзит на бегалците. Ако Словенија или Австрија го редуцираат нивниот број, ќе мораат и тие да го сторат истото, велат хрватските власти. Словенечката влада предложи, а собранието треба денеска да го усвои законот за ангажирање на војската за помош на полицијата во чувањето на границата.

„Само вчера во Словенија пристигнаа над 8.000 луѓе, иако само 2.000 поминаа во Австрија и покрај тврдењата на тамошните власти дека нивната политика не се сменила. Притисокот на бегалците што доаѓаат од Хрватска расте. Хрватска не ни дава никакво предупредување, ги пуштаат неконтролирано, дури и намерно ги распрснуваат по нашата граница“, изјави словенечкиот премиер, Миро Церар.

Во текот на ноќта Словенија пропушти 5 илјади бегалци заглавени среде дожд и кал на хрватската страна. Дојде до инцидент на преминот Трновец, каде што полицијата фрлила солзавец на бегалците, меѓу кои имало жени и деца. Уште еден инцидент се случи на српско-хрватската граница, на преминот Беркасово. Хрватски полицајци упаднале на српска територија и ги нападнале новинарите што известувале за бегалската криза.

„Србија сака нормализација на односите, а не екцеси. Ваквите постапки не се добрососедски. И натаму не размислуваме за затворање на границите бидејќи сметаме дека тоа не е решение“, рече Небојша Стефановиќ, министер за внатрешни работи на Србија.

Австриската полиција соопшти дека на главните гранични премини со Словенија денеска е намален приливот на бегалци откако вчера пристигнаа над 4.000. Во меѓувреме, во Европскиот парламент, 5 илјади филмски ѕвезди и професионалци преку свои претставници побараа од своите национални влади и од Европската Унија да се справат со бегалската криза во согласност со основните европски вредности – како што велат во нивниот филм „За илјада животи, бидете хумани“.

 

Ивана Салтировска