Убава вест за македонскиот фудбал

Пандев се враќа во репрезентацијата

20.10.2015 17:00

Новиот селектор Игор Ангеловски го посети Пандев во Џенова, по што беше потврдено враќањето на македонскиот интернационалец во националниот состав...

По долго време исполнето главно со непријатности во врска со македонскиот репрезентативен фудбал, освежување донесе веста дека Горан Пандев повторно ќе го облече дресот со државниот грб. Новиот селектор Игор Ангеловски го посети Пандев во Џенова, по што беше потврдено враќањето на македонскиот интернационалец во националниот состав.

„Помина долго време од мојот последен настап за Македонија и воопшто не ми беше сеедно. Напротив, тешко ги поднесував сите случувања со репрезентацијата, но тоа е период којшто е зад нас. Сега имаме сосема друга цел, да се обединиме и да се обидеме да бидеме успешни“, изјави Пандев за интернет страницата на Фудбалската федерација.

Фудбалерот на Џенова ќе се најде во друштво на репрезентативните соиграчи пред контролниот натпревар со Црна Гора на 12-ти ноември во Скопје, но се уште е неизвесно дали ќе игра на тој дуел или пак можеби на тестот со Либан пет дена потоа. Последниот настап во црвено-црниот дрес Пандев го имаше против Велс во Кардиф на 11 октомври пред две години. На вкупно 75 средби за Македонија, струмичкиот фудбалски ас даде 26 гола и е најефикасен во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал.

Позитивно е кога воените секири ќе бидат закопани за општото добро. Иако тешко е да се поверува дека нешто драстично е променето од моментот кога Пандев реши да ја напушти селекцијата. Но, овој потег е за сечија полза, за Пандев, за Федерацијата, за македонскиот фудбал.