Советот на јавни обвинители не расправаше за проширување на тимот на Јанева
Советот на јавни обвинители не ја стави на дневен ред точката за проширување на тимот на Јанева. Претседателот на Советот образложи дека СЈО не е обврзан да постапува по препораките на политичките партии...

Специјалната обвинителка им ја доставила листата со истите предлози, па Советот решил да не ја стави на дневен ред оваа точка. Писмото што го потпишаа четирите најголеми партии стигнало до министерот и тој го препратил до Советот, но, Аневски вели дека тие сепак одлучуваат самостојно.
„Нема да се произнесуваме на барања од политички партии и на препораки. Писмото, како што знаето беше доставено до министерот за правда, кој го достави овде, ние го вративме назад до јавниот обвинител Катица Јанева, меѓутоа таа ја достави потполно истата листа со кандидатите за кои веќе еднаш одлучувавме“, изјави Петар Аневски, претседател на Совет на јавни обвинители.
Советот ја прифати Катица Јанева за специјален обвинител и со самото тоа, вели Аневски, го почитува специјалниот закон. Но, одлуката за бројот на јавни обвинители ја донесува Советот според обемот на работа.
„Околу 28 предмети треба да се работат. Доколку се зголеми бројот и дојде да каже дека е зголемен на 120, 150, ние секако таа одлука ќе ја промениме“, рече Аневски.
Аневски потсети дека вратата на Советот е секогаш отворена за специјалната обвинителка и таа ќе може во секое време да оди на разговор за да се најде решение.
Работата на Советот денеска ја следеа претставници на ОБСЕ и на Американската амбасада во земјава.
Фиљана Кока
