Во најгламурозниот меч во ЛШ, Ди Мариа и „Ибра“ подготвени за Реал и Роналдо

21.10.2015 15:07

И покрај славната историја, Реал двапати досега извиси во меѓусебните пресмеки со ПСЖ, и на двапати во 1/ 4финалната фаза. Во 1993 во купот на УЕФА иако дома победи со 3 :1, на гости загуби со 1 :4 и беше елиминиран. Лекцијата не ја научи ни следната сезона во КПК кога на Бернабеу загуби со 0 :1 а во реваншот беше 1 :1...

Секоја чест на сите кои вечерва играат во елитната лига, но гламурот е сепак во Париз. Градот на светлината ќе заблеска во најдобро можно светло кога на “Паркот на принцовите“ ќе истрчаат “Кралевите“ кои ќе се соочат со домашните “светци“. Тренерот Лоран Блан го споредува претстојниот дуел со минатогодишниот против Барселона, кога ПСЖ успеа да слави во атрактивен меч со 3 :2 во групната фаза. Тој истакнува дека е ова меч за престиж, иако потсетува дека според минатото, клубовите не може да се споредуваат. Од една страна е најуспешниот во Европа со 10 титули, а од друга тимот кој никогаш не бил европски шампион. Вели дека нема посебен “анти Роналдо“ план, туку постојана будност и тимска игра против првата гостинска ѕвезда. Со комплименти му возврати и Рафа Бенитез, кој очекува рамноправен меч меѓу два подеднакво квалитетни тима, во кој неговиот ќе биде ослабен поради повредата на Герет Бејл, а неизвесни се Лука Модрич и Серхио Рамос. На листата на оние кои се опоравуваат се и Пепе, Карвахал, Данило и Родригез. Кај домашните проблемите се помали, каде што се очекува здравствениот билтен на Давид Луиз, Трап и Верат.

И покрај славната историја, Реал двапати досега извиси во меѓусебните пресмеки со ПСЖ, и на двапати во 1/ 4финалната фаза. Во 1993 во купот на УЕФА иако дома победи со 3 :1, на гости загуби со 1 :4 и беше елиминиран. Лекцијата не ја научи ни следната сезона во КПК кога на Бернабеу загуби со 0 :1 а во реваншот беше 1 :1.

Сезонава двата тима ја почнаа како фаворити во групата “А“ и двата се со максимален ефект и единствени во Л Ш без примен гол. Во својата 8 сезона во европската елита ПСЖ оствари домашна победа над Малме со 2 :0, а потоа на гости го декларира Шахтјор со 3 :0. Десеткратниот европски шампион својата јубилејна 20 сезона во Л Ш ја почна во Мадрид со 4 :0 над Шахтјор, за во второто коло да слави 2 :0 во Малме. Тие лани славеа во сите 3 гостински дуели во групната фаза, во која имаат серија од 8 меча без пораз уште од 2013 кога загубија во Дортмунд.

Во меѓувреме, Роналдо во саботата стана најдобар стрелец во историјата на “Кралевите“ со 324 постигнати погодоци и го мина Раул Гонзалес на вечната листа. Славниот Португалец со 5 гола во првите два дуела дојде до вкупно 82 ја зголеми разликата во однос на Меси на 5 гола и ќе биде мотивиран одново да ја тресе противничката мрежа, особено што Аргентинецот има уште да паузира по повредата на лигаментите. На спротивната страна Ибрахимовиќ на почетокот на октомври стана прв стрелец во историјата на “Светците“ со 110 и го престигна португалскиот ас Педро Паулета. Не помалку опасни ќе бидат Карим Бензема кај Реал и Едисон Кавани кај ПСЖ кој во 17 првенствени натпревари има 16 погодоци.     

Иако за сите актери вечерашниот дуел е од големо значење, за Анхел Ди Мариа ќе биде од посебен карактер. Аргентинскиот суперстар одигра 124 натпревари во дресот на Реал и постигна 22 гола, а што е најважно беше прогласен за најдобар играч во финалето 2014 година против Атлетико, во освојувањето на “Ла десима“.  На спротивни страни се и тренерот Бенитез и Тиаго Мота, кои со Интер ја освоија светската клупска титула 2010 заедно со нашиот Горан Пандев. Конечно, ова ќе биде пресметка меѓу двата најскапи клуба чии играчи се проценети во вкупна вредност од 390 милиони евра. Можеби вечерва нема да ја има неизвесноста на нокаут мечевите, но таквите натпревари често се и најубави за следење. Затоа бидете со МТВ1 и дербито на колото ПСЖ –Реал Мадрид со почеток во 20,45 часот.