685 семејства купиле субвенционирана куќа или стан

21.10.2015 16:22

Од 29 октомври до 1 ноември во трговскиот центар Сити Мол граѓаните со нерешено станбено прашање ќе може да се информираат за условите под кои може да дојдат до субвенциониран стан или куќа...

Следната недела нов саем за промоција на проектот Купи Куќа – купи стан. Од 29 октомври до 1 ноември во трговскиот центар Сити Мол граѓаните со нерешено станбено прашање ќе може да се информираат за условите под кои може да дојдат до субвенциониран стан или куќа. Банкарите и градежниците на едно место ќе одговараат на прашањата поврзани со поволностите за користење на овој владин проект.

„Имавме голем успех со саемот што се одржа минатата година, неколкукратно се зголеми интересот на граѓаните. Ние потоа продолживме со караванот на проектот „Купи куќа, купи стан“ низ цела Република Македонија, во сите поголеми градови. Тоа овозможи граѓаните да имаат повеќе информации, да се зголеми интересот и бројот на апликации. Имаме околу 685 граѓани кои досега кои ја искористиле можноста да добијат субвенции од Владата кои се движат меѓу 6 и 14 илјади евра, зависно од тоа дали се купува стан или се гради куќа и колкав кредит се зема“,изјави Зоран Ставрески – вицепремиер и министер за финансии.

Во рамки на саемот, открива Ставрески, ќе има и специјален попуст за купување недвижности во Скопје. Станови во Тафталиџе и во Кисела Вода кои се продаваа по цена од 1.050 односно 1.100 евра за квадратен метар, ќе се намалат на сума од 900 евра за граѓаните кои ќе го искористат саемскиот попуст.

Со овој проект им се помага на граѓаните преку два модела – Владата субвенционира половина рата за првите пет години или пак одобрува 50% од учеството за купување стан односно за изградба на куќа.

 

Анита Димитријевска