Вонреден состанок за бегалската криза, ќе се бара поголема соработка со Западен Балкан
В недела, вонреден состанок на Европската Комисија за бегалската криза. Поканет е и претседателот, Ѓорге Иванов. Од неговиот кабинет го потврдуваат присуството на собирот на кој ќе учествуваат премиери и шефови на држави од регионот. Ќе се бара поголема соработка од земјите од Западен Балкан, кој е главна рута на мигрантите кон Европа...

Претседателот Ѓорге Иванов на покана на шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, в недела во Брисел ќе учествува на вонредниот состанок свикан поради актуелноста на незаконската миграција. Ова денеска ни го потврдија и од Кабинетот на македонскиот претседател. На овој мини- самит ќе присуствуваат претседателите или премиерите на Австрија, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Унгарија, Романија, Србија и Словенија, на Европоскиот совет и претставниците на Високиот комесаријат за бегалци.
Според информацијата од Европската комисија, развојот на мигрантската криза што предизвика вонредна состојба во земјите од Западен Балкан кои претставуваат главна рута на бегалците, ја наметнува потребата за поголема соработка, широка консултација и непосредна итна акција- ова е причината и темата поради која Јункер го организира состанокот на 25-ти октомври.
Инаку, од почетокот на годинава во Европа пристигнаа над 650.000 бегалци од Блискиот и Средниот Исток, Азија и Африка, од кои над 400.000, преку Грција минаа и низ Република Македонија.
Оттаму, состанокот в недела за нашата држава е можност уште еднаш на највисоко политичко ниво да се посочи секојдневното директно или индиректно финансиско и безбедносно влијание, кое Македонија го трпи од бегалската криза и да се побара единствено европско ресение за незаконската миграција.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
