Стареењето на населението на Балканот ќе предизвика недостиг на работна сила
Стареењето на населението на Балканот може да предизвика недостиг од работна сила и ред други проблеми во општествата. Овој тренд е застапен во сите европски земји, а како главни причини се посочуваат намалениот наталитет и миграциите на населението...

Сите балкански земји, со исклучок на Албанија и Косово се соочени со проблемот на нискиот фертилитет, односно со ниска репродукција на населението. Ако на тоа се додаде иселувањето поради економски или други причини во иднина земјите од регионот ќе имаат недостиг од работна сила.
„Накратко речено на Балканот имаме многу низок фертилитет и речиси кај сите земји стапката на фертилитет е под 2,1 насто, а која што е граница за репродукција на населението,проста репродукција на населението“, изјави Катерина Костадинова Даскаловска, меѓународен експерт за попис.
Актуелната бегалска криза според експертите нема многу да влијае на демографската слика на населението на Балканот.
„Воглавно бегалците поминуваат низ балканските држави и не се заинтересирани да останат тука,туку се упатуваат кон Северна Европа, така што тоа засега не е имигрантски проблем за регионот“, рече Бајрон Коѕаманис, претседател на Балканската демографска асоцијација.
Што се однесува до тоа колку државите од Централна и Северна Европа се подготвени да ги примат тие лица, Коѕаманис смета дека тие земји имаат проблем со стареењето на популацијата, така што најголем дел од нив ќе најдат свое место на тие пазари на труд, бидеќи најголем број од бегалците се од таканаречената средна класа.
Сашо Нелоски
