Фудбал - Лига на шампиони

Голема нула на „Паркот на принцовите“

22.10.2015 14:44

На „Паркот на принцовите“, на скапо платените ѕвезди, не им беа важни фудбалските мераклии, туку да не загубат, па ниту Пари Сен Жермен ниту Реал Мадрид не се незадоволни од нерешеното без голови затоа што се сигурни лидери во групата А...

Скромна вечер со само петнаесет голови или ниту два по натпревар, со три промашени пенали и со едно големо разочарување. На „Паркот на принцовите“, на скапо платените ѕвезди, не им беа важни фудбалските мераклии, туку да не загубат, па ниту Пари Сен Жермен ниту Реал Мадрид не се незадоволни од нерешеното без голови затоа што се сигурни лидери во групата А. Само Кристијано Роналдо беше нервозен, но по мечот, бидејќи многу често е на допинг контрола.

По шест порази, Малме славеше во Лигата на шампионите. 1:0 против Шахтјор со голот на Розенберг. Удар од 11 метри не реализираше Ѓурѓиќ, но тоа не го спаси од пораз тимот на Луческу кој по 100-ти пат ги водеше Украинците во елитното натпреварување.

Како и Пјатов и Де Хеа не дозволи да биде совладан од белата точка, но по промашувањето на Еременко, предност на ЦСКА и донесе Думбија. Бод на Манчестер Јунајтед му обезбеди Марсијал.

И двете екипи заостануваат два бода за водечкиот во конкуренцијата Б, Волфсбург којшто со погодоците на Дост и на Крузе славеше против ПСВ Ајндховен со 2:0. Домашниот голман, Бенаљо го одбрани пеналот на Локадија.

Во Астана се задоволни од фактот дека првпат играат во елитата, проценија дека немаат шанси на „Висенте Калдерон,“, па одморија шестмина првотимци во пресрет на викенд - казахстанското дерби со Каират. И онака поквалитетниот Атлетико, рутински ја одработи обврската за прво место во групата Ц со 4:0 погодоците на Саул, Џексон Мартинез, Оливер Торес и со автоголот на Дедечко.

Шест бодови како мадриќани има и Бенфика којашто поведе во Истанбул со третиот гол во исто толку мечеви на Гаитан и тоа најбрз сезонава, во 74-та секунда. Сепак, по речиси две години и десет дуели без победа, конечно фудбалерите на Галатасарај имаа причина за радост. Пресвртот од 2:1 беше во креација на Инан Селџук и на Подолски.

По сиромашните 0:0 на дуелот меѓу Јувентус и Борусија Менхенгладбах ќе се памети само рекордот на Буфон кој стана фудбалерот со најмногу одиграни минути за „старата дама“, 48.884 или 17 повеќе од Дел Пјеро.

Јуве е прв во групата Д со бод повеќе од Манчестер Сити којшто извлече триумф од 2:1 против Севилја. Гостинското водство со погодокот на Конопљанка го анулираше автоголот на Рами. На 3-ти ноември, граѓаните ќе гостуваат на  „Санчез Писхуан“ со три бода предност во однос на Севилја поради голот на Де Брајне во судиското надополнување.