Иванов: Решение на бегалската криза и синхронизација на безбедносните служби
Македонија троши милион евра месечно само за полицијата и за армијата, кои се грижат за прифаќање и транзит на бегалците. Очекувам решение на бегалската криза, како и синхронизација на безбедносните служби за ова горливо прашање, изјави при посетата на прифатниот центар во Гевгелија, претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов...

Се повеќе се зголемува бројот на бегалците кои влегуваат од јужната страна во земјава. Таканаречената Балканска рута – коридорот 10 се покажа најбрз пат за бегалците да стигнат до посакуваната европска дестинација. За еден час полицијата регистрира и по 1000 бегалци кои влегле во државава. На 18-ти месецов регистрирани се над 10 илјади.Претседателпот Ѓорге Иванов очекува поголема ангажираност и помош како од регионот така и од Европската Унија. Околу милион евра месечно се трошат само за полицијата и за армијата, не вклучувајќи ги и другите институции за да им се овозможи на бегалците побезбедно да транзитираат низ Македонија.
Посетата на претседателот Иванов на прифатниот центар во Гевгелија се случува во пресрет на Состанокот на лидерите на зермјите од таканаречената Балканска рута кој ќе се одржи во Брисел в недела по покана на челникот на европската комисија Јункер. Оттаму Иванов очекува синхронизација на службите во областа на безбедноста и очекува решенија за бегалската криза. Состојбата со бегалците се усложнува и затоа е потребна поголема и координирана соработка нагласи Иванов.
Претседателот Иванов во прифатниот центар разговараше со бегалците, за нивната состојба, патот по кој доаѓаат , како и со што се соочувале. И пред камерите ги споделија патешествијата.
„Доаѓам од Сирија , но по потекло сум Палестинец. Одам за Германија, а можеби и за Шведска. Патувам сам, семејството ми остана во Сирија. Таму се уште е опасно, но тие немаат пари за да заминат. Потребни се 2.000 евра за да се дојде од Сирија до Германија, засега криумчарите ни земаа речиси половина од парите“, вели еден бегалец од Сирија.
Ги посети и тимовите на Црвениот крст, невладините организации, армијата и полицијата. Шефот на државата беше брифиран за најновите информации со бегалците. Откако ќе влезат во државава, бегалците добиваат потврда, им се делат ќебиња и кабаници , топол оброк и чај. Медицинските тимови и црвениот крст им даваат помош на оние на кои им е најпотребна. Во поставените шатори и монтажни бараки бегалците се одмораат, ги чекаат семејсвата по што го продолжуваат патот до посакуваната дестинација.
Наташа Гркова- Петрушевска
