Анкета на „Брима Галуп“: ВМРО- ДПМНЕ со двојно водство пред СДСМ

22.10.2015 15:22

ВМРО- ДПМНЕ со двојно водство пред СДСМ, покажува последната анкета на „Брима Галуп“. Лидерот на владејачката партија Груевски ужива три пати поголема доверба од опозицискиот конкурент Заев, покажува анкетата...

Реномираната агенција „Брима Галуп“ прогнозира убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори. Според податоците добиени од истражувањето на јавното мислење, владејачката партија има двојно поголема поддршка од опозициската СДСМ.

За партијата на премиерот Груевски би гласале 23,5 проценти од граѓаните, додека за опозициската СДСМ само 12,4. ДУИ има 7,6 , а ДПА поддршка од 3,5 насто.

Премиерот Груевски е личноста во која македонската јавност има убедливо најголема доверба. Во испитувањето на јавното мислење на „Брима Галуп“, за македонскиот премиер доверба дале 21,4 насто од граѓаните.

Груевски ужива 3 пати поголема доверба од лидерот на опозицијата Заев во кого веруваат 7,9 проценти од граѓаните. Али Ахмети и Мендух Тачи имаат 6,1 односно 2,5 проценти доверба.

Огромно мнозинство од граѓаните, односно 43,2 насто, сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ повторно би извојувала убедлива победа на предвремените парламентарни избори закажани за 24 април. Двојно помалку сметаат дека СДСМ би бил победник.

Јавноста смета дека ВМРО-ДПМНЕ има два пати поголема поддршка од граѓаните во однос на СДСМ.

Теренската анкета е направена во периодот од 29 јуни до 5 јули годинава, на примерок од 1.008 испитаници.

Милчо Велески