Металург на победа против Баја Маре

22.10.2015 15:54

Желбите се да се раваншираат за поразот во Романија, со два бода да останат при врвот во групата и во паузата за ЕХФ неделата да ги санираат повредите и да ги анулираат пројавените недостатоци во играта...

„Таков е спортот ,подемите и падовите се составен дел, но неможам да им се лутам на моите ракометари,одиграа бескомпромисно ,се бореа до крај“-уште се чувствува горчина во изјавите на стратегот на Металург ,Лино Червар по двата минимални пораза во последните секунди од Скјерн и Баја Маре во лигата на шампионите.Но од своите ракометари бара скромност, многу работа,иако од многумина отпишани сеуште со можност да се освои второто место во групата и пласманот во баражот за осминафиналето. Желбите се да се раваншираат за поразот во Романија, со два бода да останат при врвот во групата и во паузата за ЕХФ неделата да ги санираат повредите и да ги анулираат пројавените недостатоци во играта.

„Баја Маре е сигурно многу посилна екипа од нас по имињата, но тоа не значи дека ние ќе излеземе со бело знаме. Тие на првиот меч беа без Афитулин, но Карачиќ добро го замени. Мора многу добро ментално да се подготивме за нив, затоа што е една опасна екипа, физички добро изгледаат. Имале некои финансиски проблеми, но од друга страна атакуваат на второ место во групата, знаат тие што прават. Нема да биде лесно, мораме да се мобилизираме. Имаме сѐ уште проблеми, Мраковчиќ е сѐ уште во тешка состојба, Божовиќ игра, но не е на потребно ниво. Одбраната мора да биде добра.Најголемата опасност се нивните две крила, посебно Иванчик, ќе ги казнуваат сите наши технички грешки“ – вели стратегот на Металург,Лино Червар.

Двте победи на домашен терен ги зголемија амбициите и во составот на Металург.Целта е можеби високо поставена,пласман во плеј-оф мечевите за осминафиналето,но тоа не е притисок туку мотив повеќе за младиот состав предводен од искусниот голман Даниел Дупјачанец:

„Мора да бидеме концентрирани, да дадеме максимум за да дојдеме до посакуваниот резултат. Тие два бода би значеле многу за евентуалниот наш пласман во следната фаза. Ние самите си го наметнавме тоа како императив, со нашата работа и со нашите игри и се надевам дека добро ќе одговориме на предизвикот“.

Триесетина секунди и грешка во финишот го одалечија Металург од бод на гостувањето во Романија,сега претстојат 60 минути за надоместување на загубеното.Натпреварот во кој беспоштедната битка  нема да изостане меѓу Металург и Баја Маре е в недела од 17 и 30 во СЦ Јане Сандански и на првиот програмски сервис на македонската телевизија.