Германскиот стратег пред славниот „Коп“

Клоп дебитира на „Енфилд“

22.10.2015 16:07

Три дена по неговото деби со реми 0-0 на гости кај Тотенхем, црвените го дочекуваат Рубин Казан, во третото коло од Лига Европа...

Јурген Клоп ќе ја има првата средба со навивачката армија на Енфилд, којашто во него гледа спасител и нов херој којшто ќе го крене трофејниот англиски клуб во некогашните височини. Три дена по неговото деби со реми 0-0 на гости кај Тотенхем, црвените го дочекуваат Рубин Казан, во третото коло од Лига Европа. Во саботата Ливерпул не постигна гол, но покажа знаци дека веднаш се чувствува стручната рака на германскиот стратег, којшто освои две бундеститули со Борусија Дортмунд, а беше на чекор и до европската. Високо-интензивниот пристап во раната фаза од мечот донесе оптимизам во резултатски мрачниот период којшто се совпадна и со бројните повреди, поради кои изборот на Клоп и вечер ќе биде скратен. Стариџ ќе биде поштеден и на оваа средба, рано е и за Хендерсон, Бентеке, Фирмино и за Ловрен, а секако сезоната заврши за Ингс и за Гомез.

Во ситуација кога Ливерпул одигра нерешено на првите два меча, а единствените два гола ги даде Лалана, на Енфилд доаѓа рускиот тим којшто во плеј-оф колото го елиминираше нашиот Работнички. Рубин Казан има само бод досега од ремито 0-0 со Бордо и се наоѓа во сличен проблематичен период како неговиот домаќин. Виталиј Чали како привремен тренер го замени Ринат Билјалетдинов, но се уште е во длабока криза. 12-ти е во руската лига, само бод над зоната за испаѓање, со дури осум порази во 12-те меча досега. Лига Европа му е товар повеќе, иако гостувањето на Енфилд може да биде и момент за инспирација или пресвртна точка во сезоната.

Ливерпул оствари шест победи и четири порази на 11 средби со руски клубови ова е моментот кога фановите на црвените гладни за радост, очекуваат триумф во првиот домашен меч на Јурген Клоп Дуелот Ливерпул-Рубин Казан, на МРТ-1 е од 21.05.