Иванов: Политичките лидери да го исполнат договореното
Претседателот, Ѓорге Иванов денеска повика на спроведување на политичкиот договор и запазување на роковите. Шефот на државата побара од политичките лидери да покажат одговорност. Италијанскиот амбасадор во земјава, Белели вели- не се откажуваме од европската перспектива на Македонија и ќе се ангажираме за целосно исполнување на политичкиот дијалог...

Претседателот Ѓорге Иванов со повик до политичките лидери - она што го потпишале и го презеле како обврска да го исполнат. Побара што поскоро да се реши политичката криза која влијае на целото општество.
„За жал, како одминува времето и како се пробиваат роковите и не се исполнуваат преземените обврски, ни се усложнува состојбата. Предолго трае оваа криза во државата и навистина секој треба да биде одговорен и да ја сноси својата одговорност, затоа што решенијата се одлoжуваат. Уште еднаш ги повикувам сите вклучени во целиот овој процес, да постапуваат онака како што се договориле“, изјави претседателот Иванов.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич изјави дека е важно македонските политички партии потписници на договорот од Пржино итно да продолжат со работа со цел да се надомести загубеното време. Таа посочува дека е важно да се исполнат обврските од договорот од Пржино, а потписниците да покажат лидерство и одговорност.
„Не се откажуваме од европската перспектива на Македонија и ќе се ангажираме за целосно исполнување на политичкиот дијалог“, изјави италјанскиот амбасадор во земјава, Белели.
„Загрижени сме што во ситуацијата нема поместување. Се надеваме дека ќе биде постигнат договор. Ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата, експерт од ЕУ и е достапен на владата и на партиите за преговорите. Ја сметаме Македонија како дел од Европа и сакаме да ја видиме како членка на ЕУ и нема да ја напуштиме. Ќе правиме напори и притисок се со цел да добиеме финален договор“, изјави италијанскиот амбасадор Ернесто Масимо Белели.
Извори вклучени во преговорите брифираат дека кога се разговарало за новите министри Социјал-демократите сакале министерот за внатрешни работи да добие нови овластувања и надлежности. Меѓу барањата било и тој да ги назначува новите команданти на македонските специјални сили. Со цел да добијат поддршка од ДУИ и од ДПА, велат партиски извори, социјалдемократите испорачале предлог - министерот за внатрешни да назначи албанец за шеф на специјалните полициски сили што наишло на отпор од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ негира меѓупартиските договарања со албанските партии. „Ингеренциите на министрите кои ќе бидат дел од техничката влада се јасно дефинирани во договорот и јавно достапни за сите“, велат во партиското соопштение.
Миле А. Ристески
