Одбележан Денот на македонската револуционерна борба

23.10.2015 15:04

23 октомври е светол датум во историјата на македонскиот народ. Потсетување за случувањата пред 122 години и формирањето на Македонскиот револуционерен комитет, зародиш на организираната борба за самостојна држава. Беше положено цвеќе на споменикот на основачите на ВМРО, а во Собранието беше свечено доделена државната награда „23 Октомври“...

122 години од основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се собрале шестмина млади идеолозиза да ги ставаат основите на организиацијата чија основа цел била ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Во нивна чест денеска владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и делегација на Градот Скопје предводена од градоначалникот Коце Трајановски положија цвеќе на споменикот на основачите на Македонската револуционерна организација.

Дувачкиот оркестар на Град Скопје со концерт во центарот на градот го одбележа празникот.

Во републичкото Собрание беше доделена државната награда „23 октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на земјава. Годинашни добитници се Стефан Хаџи Николов ликовниот уметникза остварувања  во областа на културата и уметноста,  Фејзи Бојку писател и Костадин Костадиновски музикологот, публицист, новинар и музички критичар.

За овој датум се врзува почетокот на организираната борба на македонскиот народ и на националностите кои живееле на оваа територија, за формирање независна држава. Од 23 октомври, преку Илинденците и борците на НОБ, до осамостојувањето, нашиот народ успеа да се избори за своја, сопствена македонска држава.

Наташа Јанчиќ