Франција: Најмалку 42 загинати во судир меѓу камион и автобус

23.10.2015 15:14

Двете возила се запалиле веднаш по ударот. Несреќата ја преживеале 8 луѓе, кои избегале кога избувнал огнот. На местото на несреќата пристигнале 60-ина пожарникари...

Најмалку 42 лица загинаа во судир меѓу камион и автобус во југозападна Франција, источно од Бордо. Двете возила се запалиле веднаш по ударот. Несреќата ја преживеале 8 луѓе, кои избегале кога избувнал огнот. На местото на несреќата пристигнале 60-ина пожарникари. Сите жртви биле патници во автобусот, а на лице место загинал и возачот на камионот. Петмина од преживеаните лица кои се потешко повредени се пренесени во болница. Францускиот претседател Оланд рече дека целата земја е мобилизирана во момент на оваа ужасна трагедија.

„Трагичниот настан предивика смрт на најмалку 40 луѓе. Владата е целосно мобилизирана и сите ние сме длабоко погодени од инцидентот“, изјави Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Медиумите јавуваат дека повеќето настрадани се постари граѓани коишто се враќале од организирано патување.

„Не знам кои семејства патувале, но знам дека се од околните села. Шокиран сум. Знаете, кога мало село ќе доживее ваква трагедија тоа е ужасно. Сигурен сум дека познавам дел од луѓето“, вели Жан Мари Ление, граѓанин.

Локалните власти прецизираа дека до судирот дошло на еден опасен свиок, при што возачот на автобусот не можел да го види камионот. Меѓудругото, властите додале и дека на тоа место и претходно се случувале сообраќајни несреќи. Елисејската палата соопшти дека околностите на несреќата целосно ќе бидат разјаснети и дека сите служби се ангажирани за пружање  помош и поддршка за семејствата на жртвите.

На местото на трагедијата се упатиле и францускиот премиер Мануел Валс, министерот за внатрешни работи Бернар Казњев, како и државниот секретар за сообраќај, Алан Видалис. Ова е најтешката несреќа во Франција уште од 1982 година кога во судир животот го загубиле 52 лица, од кои 44 биле деца.

 

Марина Автовска