Голем интерес на компаниите за средствата на Фондот за иновации
Компаниите се гласни за парите од Фондот за иновации. 90 конкурирале за 1,3 милиони евра. Економистите со оценка – вложувањето во развојот е клучно за зголемена профитабилност. Со ова се подобрува конкурентноста на самите компаниите, но и на целата економија...

Наместо банкарски кредити, позајмици или од сопствени извори, иноваторите да ги искористат средствата од Фондот за иновации за полесно да дојдат до сопствен бизнис. Експертите го делат ставот дека со пари од државната каса ќе им се помогне и на малите претпријатија да обезбедат поголем раст и развој, а со тоа и да креираат нови работни места.
„Сите видови на поддршка кои можат да значат јакнење, финансирање, вработување, едукација на кадри, знаеме дека техничко- технолошкиот развој бара нови решенија, сигурно дека тоа е во функција на поддршка на малите и средни претпријатија“, изјави универзтитетскиот професор Јован Пејковски.
Со 1,3 милиони евра се поттикнуваат иновациите во Македонија. За овие средства аплицирале 90 компании. Најголем интерес покажале компаниите од ИТ секторот и електро-техниката. Од Фондот за иновации велат - расте свеста за отворање на сопствен бизнис.
„Износот кој се доделува е значајна сума за оние кои почнуваат бизнис и сакаат да развијат иновативен проект и верувам дека така ќе продолжи во иднина, дека ќе ги стимулираме сите оние што не се охрабриле, да се охрабрат и да започнат свој бизнис“, вели директорката на Фондот за иновации, Јасмина Поповска.
Со вториот повик покрај старт ап бизнисите беа вклучени микро, мали и средни претпријатија. На овој начин велат од Стопанската комора, ќе се поттикнат да ги развиваат своите иновации кои се значајна компонента во растотот на економијата. Од ССК со апел да се охрабрат компаниите и да ги искористат овие можности.
„Во новата објава имаат можност не само старт ап и спин оф претпријатија да искористат средства, туку и голем дел од оние кои заедно со други претпијатија, организации и асоцијации формираат конзорциуми и имаат намера во делот на иновациите да спремат некои поголеми или покрупни проекти“, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Од Фондот за иновации велат дека расте свеста и кај младите. По завршувањето на студии се повеќе се охрабруваат да ја реализираат својата идеја. Фондот во изминатиот период пред студентите ги презентираше можностите за отворање бизнис, промоција на претприемиштвото и менторство кои се пресудни за студените да се одлучат дали ќе одат на следниот чекор.
Викторија Милевска
