Франција во шок по страотната сообраќајна несреќа
Најмалку 42 лица, претежно возрасни, загинаа во директниот судир изутринава во утринските часови меѓу автобус и камион на магистралниот пат 123, во Пуиссеган, во близина на Либурн (Жиронд), соопштија француските власти. Четири лица се сериозно повредени, две од нив со тешки изгоретини, изјави префектот на Жиронд...

Франција е во шок- последен пат кога Франција се соочи со трагедија од вакви размери на патиштата беше во 1982 година, кога во Бон, Кот-д’Ор, кога загинаа 53 лица, главно деца.
Во денешната несреќа беа покосени животите на возачот на камионот, и на 41 од 48-те патници на автобусот. Шоферот на автобусот успеа заедно со уште неколку патници да излезе од автобусот.
„Автобусот транспортираше 48 стари лица, кои заминуваа на екскурзија. Жалиме за 42 убиени лица, две лица тешко повредни лица со изгоретини, кои ќе бидат пренесени во болницата во Бордо и две лица со трауматизам на главата. Другите лица се полесно повредени или шокирани“, изјави Пјер Дарту – префкет на Жиронд.
Автобусот тргнал рано изутринава од местото Пети Пале е Корне во Жиронд, на десетина километри од Пуиссеган. Воглавно патниците беа стари лица на организиарно патување во Арзак, во Атлантскиот дел на Пиренеите, членови на сениорскиот клуб од Петит Пале, село со 756 жители, кое денес е обвиено со жал.
Повеќе сведоци изјавија дека местото на несреќата било означено како опасно место и тука брзината била ограничена на 50 км/час.
Двете возила се судриле директно и кога пристигнале пожарникарите на местото на несреќата се соочиле со силен пожар. Францускиот претседател Франсоа Оланд реагираше на несреќата од Атина, каде е во дводневна посета на Грција.
„Ние очекуваме да имаме повеќе информации.Владата на Франција е целосно мобилизирани на оваа ужасна трагедија“, рече претседателот Оланд.
Премиерот Мануел Валс, министерот за внатрешни работи, Бернар Казнев, и државниот секретар за транспорт Ален Видал, како и локалните политичари го посетија местото на несреќата, изразувајќи им поддршка до семејствата на жртвите.
Истрагата за околностите на несреќата е во тек и истовремено е отворена психолошка ќелијата за преживеаните и нивните блиски.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
