Македонски угостители добитници на меѓународната награда за нов квалитет во туризмот во ЈИЕ
Хотелите „Русија“ и „Изгрев“ и националниот ресторан „Стара Куќа“ добитници на меѓународната награда за нов квалитет во туризмот во ЈИЕ...

На деловниот саем специјализиран за конгресен, зимски и спа туризам на Југоисточна европа во Белград- со награди претставени и македонските хотелски и угостителски капацитети. На Саемот учествуваа 100 преставници на престижни хотели, ресторани, туристички организации, бањи, конгресни центри и организатори на зимски и спа туризам од 15 земји. Меѓу нив, меѓународното стручно жири на хотелот „Изгрев“ од Струга, хотелот „Русија“ и националниот ресторан „Стара Куќа“ од Скопје им ја додели престижната награда за нов квалитет во туризмот во Југоисточна Европа.
„Ова признание не е само за хотел Русија, туку и за цела Македонија бидејќи тука ги претставуваме знаменитостите и убавините кои што ги нуди Р. Македонија како туристичка дестинација“, вели Виолета Ангеловска, директор на Хотел „Русија“ - Скопје.
Меѓународната награда „Туристичка призма- за нов квалитет во туризмот“ ја додели меѓународно новинарско жири од 6 држави од регионот.
„За хотел Изгрев и за Р. Македонија значи многу. Ова е презентација пред колегите од целиот Балкан и пред пошироката јавност на Србија и пошироко“, вели Асим Меџедовиќ, директор на Т.А. Фибула-Скопје и Хотел „Изгрев“ Струга.
Наградите се добиени како резултат на подигање на нивото на туристичките услуги и поттикнување на иновативни вложувања во оваа област.
„Спојот на квалитет и традиција што го има направено ресторанот Стара градска Куќа од Скопје е резултата на оваа награда“, вели Димитрија Јовановиќ, сопственик на Национален ресторан „Стара Куќа“- Скопје.
Целта на саемот во Белград е воспоставување на подобра соработка меѓу туристичките стопанства на земјите од ЈИЕ, како и на компаниите вон Европа заинтересирани за регионот.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
