ЕУ и балканските лидери договорија 17 точки за решавање на бегалската криза

26.10.2015 09:26

Земјите кои се соочуваат со бегалскиот бран, мора меѓу себе да контактираат и да соработуваат за да им се овозможи на мигрантите хуман третман и да се избегнат трагедии...

Прифатните капацитети во Грција и на Западниот Балкан ќе бидат зголемени за 100.000 места од кои 50.000 во Грција, а припадниците на агенцијата Фронтекс ќе ги контролираат граничните премини и ќе вршат регистрација на мигрантите на границата меѓу Србија и Хрватска, се дел од одлуките на вчерашниот самит во Брисел за мигрантската криза.

Европската Унија и балканските лидери договорија 17 точки за заедничко решавање на кризата. На повисоко ниво ќе биде дигната операцијата „Посејдон“ во Грција каде во Егејското море ќе вршат надзор и припадници на Фронтекс, додека во Словенија дополнително ќе бидат ангажирани 400 полицајци.

Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека Европската Унија е во многу деликатна состојба. Земјите кои се соочуваат со бегалскиот бран, мора меѓу себе да контактираат и да соработуваат за да им се овозможи на мигрантите хуман третман и да се избегнат трагедии.

„Со договорот кој го постигнавме се надевам дека ќе го решиме ова горливо прашање“, изјави претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер.

На мини самитот учествуваше и македонскиот претседател Иванов кој побара целосно интегрирање на Македонија и на Балканот во безбедносниот систем на НАТО и на Европската Унија. 

Ако коридорот за транзит на бегалците се затвори ќе мора некаде да се забави протокот на бегалците, затоа во Грција се предвидува таков пункт, но бидејќи Македонија од јужната до северната граница има куса дестинација од 160 километри, нелогично е тие да остануваат.

Сепак, капацитетите на Македонија се да згрижат до максимум 2.000 бегалци и тоа со помош на УНХЦР и на црвениот крст, додаде Иванов.