Историски најниско ниво на невработеност во Македонија

25.10.2015 16:41

Можеби не први, но сигурно ќе бидеме во првите 5 земји според растот на економијата, очекува Груевски, додавајќи дека и покрај проблемите, странските инвестиции во однос на лани растат...

Земјава го достигна историски најниското ниво на невработеност од 26,8 проценти. Според премиероит Груевски, фактите и бројките потврдуваат дека од делата има резултати. Изминативе две години Македонија, споредбено со другите европски земји, имаше втор најнизок економски раст. Прогнозите на Светска Банка беа дека ќе бидеме први по економскиот раст во Европа, но политичката криза и кумановските настани ја искомплицираа работата во екомонијата. Но, како што истакна Груевски, и покрај овој тежок период, расте бројот на нововработени лица.

„Во 2006-та, во  Македонија имаше вработено 560.000 луѓе, а денес се вработени 700.000 луѓе во нашата држава. Тоа се оние новоотворени 140 илјади нови работни места за кои некогаш говориме. Годинава го достигнавме историски најниското ниво на невработеност од 26,8 отсто, најниско од осамостојувањето до денес. А да потсетам, наследивме историски највисоко ниво на невработеност од околу 38 отсто во 2006-тата“, изјави премиерот Груевски.

Можеби не први, но сигурно ќе бидеме во првите 5 земји според растот на економијата, очекува Груевски, додавајќи дека и покрај проблемите, странските инвестиции во однос на лани растат.

Премиерот најави дека компании од Бугарија, Италија и од Израел планираат отворање над 400 работни места. Наскоро уште две компании треба да ја објават одлуката  за инвестирање во земјава, а до крајот на годинава ќе се отворат и нови фабрики.

Американската „Гентерм“ финишира со изградба на фабриката во Прилеп, ќе се отворат 2.000 нови работни места. Веќе се селектирани првите 350 работници.

 

Андријана Атанасовска