Неопходност од итно интегрирање на Балканот во ЕУ
Претседателот Иванов на самитот во Брисел побара Македонија да се интегрира во европскиот безбедносен систем, односно нашата држава да има пристап до датабазата на ЕУ, како и да не се затвори балканскиот коридор...

Нема шанси да се постават бегалски кампови во Македонија и другите земји кои не се членки на Европската Унија, затоа што тоа може да доведе до нивна десатбилизација-предупреди вчера на мини самитот во Брисел, македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Тој побара Македонија да се интегрира во европскиот безбедносен систем, односно нашата држава да има пристап до датабазата на ЕУ, како и да не се затвори балканскиот коридор.
„Македонија е подготвена за сите сценарија, но не сакаме до тоа да дојде. Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, бегалците да приоаѓаат и да не остануваат. Се надеваме дека нема да дојде до затворање на границите. Сите ресурси се од нашиот буџет. Досега официјално од ЕУ, Република Македноија има добиено помош од 90.000 евра, а месечно трошиме милион евра само за безбедносните сили. Голема е поддршката од УНХЦР, Црвениот крст и хуманитанрните организации кои излегуваат во пресрет на бегалците, но имаме и трошоци за здравјето на бегалците“, изјави претседателот Иванов.
Српскиот премиер Вучиќ со ист став- Србија не може да биде тампон зона. Ваквите реакции на балканските лидери дојдоа по предлогот на председателот на ЕК, Жан Колд Јункер за забранување на префрлање на бегалците во соседните држави без претходна консултација, како и поради неконтролираното пропуштање на мигрантите од страна на Грција, која пак на состанокот ја пофали Р. Македонија за успешно справување со бегалската криза.
Заклучоците од вчерашниот соатнок кој заврши доцна по полноќ се следниве: постојана размена на информации и ефективна соработка, што подразбира итно номинирање на личности за контакт за директна комуникација, лимитирање на вторстепените движења, заедничко менаџирање на миграцискиот проток и на границите, справување со шверцерите и трговците на луѓе, како и мониторинг од страна на ЕК за имплементација на преземените обврски.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
