Промовирани 35 потпоручници, свечена заклетва дадоа питомците од 19-тата генерација
Промовирани се 35 студенти-питомци во чин потпоручник. Од нив 31 се од Република Македонија од кои 8 жени, а 4-ца се од Црна Гора. Истовремено свечена заклетва дадоа 37 студенти питомци и 9 студенти од 19-тата генерација на Воената академија во која 6-та година по ред студираат и питомци од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Косово...

Симона Наумова, Мериса Биберовиќ и Борис Бошковиќ се тројцата најдобро рангирани од новата класа промовирани потпоручници. На Воената академија школувањето го завршија 35-мина. Од нив 8 се жени, а 4-ца се од Црна Гора. Наумова дипломира со просек 9,50, а Бошковиќ го продолжува школувањето, сака да биде пилот.
„Четири долги, но навидум кратки години. Долги поради искушенијата, терените, будењето рано наутро, кратки- бидејќи создадовме доживотни пријателства“, рече потпоручник Симона Наумова.
„Следната група за авијација што почнува, ќе почне во февруари и тогаш ќе им се приклучам на колегите“, изјави потпоручник Борис Бошковиќ.
На високообразовната институција школувањето го почнаа новата класа питомци. Свечена заклетва дадоа 37-мина студенти. 6-та година по ред студираат и кадети од Босна и Херцеговина, од Црна Гора и од Косово.
„Се пријавив овде бидејќи имаме добра соработка со Р. Македонија. Сакам да бидам добар офицер“, изјви Енес Демири-питомец.
Да се биде офицер е чест, но и обврска. Деканот на Воената академија, полковник Попоски на младите кадети им порача да ја почитуваат дадената заклетва.
„Професорите од вас ќе бараат знаење, а командирите- дисциплина. Притисокот ќе биде голем, а вие постојано ќе треба да докажувате дека цврсто стоите зад зборовите што предмалку ги изговоривте“, нагласи потполковник Орце Попоски, декан на воената академија.
Интенција е во наредниот период академијата да прерасне во Универзитет. Покрај школувањето за сите родови во Армијата, се планира и отворање на Факултет за воено воздухопловство. Целта е да се привлечат и кадети од земјите на НАТО.
„Започнуваме интензивен процес на трансформација на воената академија во Универзитет за национална безбедност и одбрана. Универзитет на којшто дел од предметите ќе се слушаат на англиски јазик, универзитет на кој што ќе имате можност вие како питомци да поминете еден семестар не еден од најреномираните универзитети од земјите- членки на НАТО и САД“, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски.
На воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ се учи според највисоките стандарди и критериуми по примерот на земјите членки на НАТО.
Милчо Велески
