Прекугранична соработка за ефективно справување со бегалската криза

26.10.2015 14:46

Прифатните капацитети за сместување на мигранти ќе бидат зголемени, а припадниците на Фронтекс ќе ги контролираат граничните премини и ќе вршат регистрација на мигрантите на границата меѓу Србија и Хрватска. Тоа се дел од одлуките на вчерашниот самит во Брисел за мигрантската криза на кој учествуваше и македонскиот претседател Иванов. Тој побара целосно интегрирање на Македонија и на Балканот во безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија...

Само со определен колективен прекуграничен пристап и прагматична соработка меѓу националните власти може да се врати стабилноста во менаџирањето на миграцијата во регионот- ова е главната порака во планот од 17 точки усвоен на состанокот на лидерската среба на 10 членки на Унијата, плус Македонија, Србија и Албанија, а со цел воспоставување на контрола на движењето на мигрантие и да се спречи хуманитарна катастрофа.

Лидерите денес се согласија да обезбедат привремени засолништа, храна, медицинска помош, вода и санитарии. Ќе го зголемиме капацитетот за прием на дополнителни 100.000 бегалци во Грција и во државите од Западен Балкан. Грчкиот премиер се обврза на прием во привремените засолништа за дополните 30.000“, изјави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Прво треба да осигураме подобар проток на информации меѓу државите кои денес партиципираа на состанокот. Веднаш да се назначат лица за комуникација кои со канцеларијата на Јункер ќе разменуваат информации за самиот процес на Балканската рута, најмалку еднаш неделно“, рече германската канцеларка, Ангела Меркел.

Во заклучоците е наведено и дека високиот комесаријат за бегалци на ОН, Фронтекс и Европската канцеларија за поддршка на азил во согласност со нивните мандати, ќе ги поддржат земјите во брзото спроведување на оперативните мерки.

Македонија останува транзитна рута, низ која дневно поминуваат илјадници бегалци, а поставувањето на бегалските кампови кај нас и во останатите држави кои не се членки на ЕУ, може да доведе до дестабилизација на регионот- предупреди вчера претседателот Ѓорге Иванов, а воедно потсети и дека Македонија нема добиено сеуште нисто од ветената европска финасиска и техничка помош.

„Сите ресурси се од нашиот буџет. Досега официјално од ЕУ, Република Македноија има добиено помош од 90.000 евра, а месечно трошиме милион евра само за безбедносните сили, полицијата, армијата. Голема е поддршката од УНХЦР, Црвениот крст и хуманитанрните организации кои излегуваат во пресрет на бегалците, но имаме и трошоци за здравјето на бегалците“, изјави претседателот Иванов.

Српскиот премиер Вучиќ со ист став- Србија не може да биде тампон зона. Ваквите реакции на балканските лидери дојдоа по предлогот на претседателот на ЕК, Јункер, за забранување на префрлање на бегалците во соседните држави без претходна консултација, како и поради неконтролираното пропустање на мигрантите од страна на Грција.

Постои страв дека Германија и Австрија би можеле да ги затворат границите, што ќе предизвика домино ефект, а тоа би значело катастрофа за Европа и Европската Унија“, рече словенечкиот премиер Миро Церар.

На вчерашниот Самит не присуствуваше Турција, иако е државо која е прва на удар од бранот на бегалците.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ