Македонија- ОАЕ: Засилена економска соработка и инвестиции
Засилена економска соработка со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), особено во делот на инвестициите - главна тема на средбата на премиерите Никола Груевски и шеикот Мохамед Рашид Ал Мактум во Дубаи...

Обединетите Арапски Емирати ќе може да ја користат Македонија како порта за реализација на економски операции во Европа. Има простор за зголемување на надворешно-трговската размена. Потпишан е и договор за одбегнување на двојното одданочување меѓу земјава и емиратите.
На средбата на премиерите Никола Груевски и Шеик Мохамед бин Рашид Ал Мактум, акцент бил ставен на унапредување на економската соработка и на полето на инвестициите. Груевски ги презентирал условите за водење бизнис.
„Средба со која што сакаме да ги зајакнеме и политичките релации и особено економски релации со Обединетите Арапски Емирати. На средбата зборував за можностите за подобрување на економската соработка, инвестициите од Дубаи во Република Македонија, презентирав и конкретни проекти каде евентуално би можеле дубајските компании да инвестираат во Република Македонија. Го поканив шеикот во иднина да ја посети нашата држава, а исто така и бизнис делегација да дојде во Република Македонија“, изјави премиерот Никола Груевски.
Било договорено претставници на двете страни да работат на финализирање на Договорот за заштита на инвестициите, што е услов за конкретна соработка на полето на инвестициите. Груевски истакнал конкретни можности за соработка, претставувајќи проекти во енeргетскиот сектор, туризмот и земјоделството.
Меѓу двете земји нема отворени прашања, констатирале двајцата премиери, но ја искажале потребата за интензивирање на политичкиот дијалог преку средби на високо ниво. Шеикот Ал Мактум дал позитивна оценка за економските политики на Македонија.
„Мислам дека средбата ќе допринесе кон зајакнување на нашите релации, како политичките, а уште повеќе економските релации, можностите за правење бизнис, а преку тоа и отворање на нови работни места во Република Македонија“, додаде Груевски.
Обединетите Арапски Емирати е значaјна држава во регионот на Заливот, која се карактеризира со висок економски раст и развој. Според проценетиот раст на БДП се наоѓа на 7-то место во светот годинава.
Дубаи, покрај Абу Даби е еден од двата главни емирати во земјата. Премиерот Груевски во рамките на посетата на Обединетите Арапски Емирати ќе оствари средби со политички и економски претставници и субјекти од земјата домаќин. Покрај посетата на Дубаи, премиерот Груевски ќе го посети и Абу Даби.
Наташа Гркова- Петрушевска
