Голем број жртви во разорниот земјотрес во Авганистан и Пакистан

26.10.2015 15:12

Потреси се почувствувале и во Пакистан, Северна Индија, Непал и во Таџикистан. Според последните информации од медиумите загинале најмалку 80 лица, меѓу нив и 12 ученички на едно училиште...

Силен земјотрес со сила од 7,5 степени по Рихтер го погоди северен Авганистан. Потреси се почувствувале и во Пакистан, Северна Индија, Непал и во Таџикистан. Според последните информации од медиумите загинале најмалку 80 лица, меѓу нив и 12 ученички на едно училиште. Во Њу Делхи зградите од силниот потрес се нишале цела минута, што натерало стотици исплашени луѓе во паника да истрчаат на улиците.

„Бевме на час. Во тој момент го почувствувавме земјотресот. Помисливме дека престанал, но одеднаш почувствувавме и втор удар и сите почнавме да трчаме по скалите. Некои од студентите не излегоа бидејќи има само еден излез. Тоа беше проблем“, изјави Абу Бакер, студент

„Земјотресот беше многу силен. Целата зграда се тресеше. Прозорците се тресеа“, сведочи Мазхар Али, локален жител.

Во Пешавар, во североисточен Пакистан, каде што се урна зграда има десетици жртви. Во северните региони на земјата има прекин во електричните и телефонските мрежи. Потресот предивикал и неколку свлечишта крај Аботабад.

Земјотресот е регистриран на длабочина од 196 километри, а епицентарот бил на 82 километри југоисточно од градот Фејзабад, во оддалечен регион на Авганистан, во планините Хиндукуш.

Земјотресот силно се почувствувал и во индиската област Кашмир каде што дошло до оштетување на некои патишта, а била прекината и електричната енергија.

Последниот разорен земјотрес се случи на 25 април годинава во Непал. Во него загинаа 9.000 луѓе, а 900.000 домови беа оштетени или урнати.

 

Марина Автовска