38- годишна трудница почина на скопска гинекологија

26.10.2015 16:31

38- годишна трудница со високоризична бременост починала на скопска гинекологија. Од клиниката велат дека била во шестиот месец од бременоста, со прснат воденик и тешки знаци на инфекција. Лекарите не успеале да и го спасат животот. Јавното обвинителство денеска излезе со информација за гевгелискиот случај. И двајцата анестезиолози биле под дејство на алкохол за време на операцијата...

38-годишна жена во шестиот месец од бременоста почина на скопска Гинекологија. Имала шеста високоризична бременост. Плодот бил мртов. Била примена со прснат воденик, со тешки знаци на инфекција - соопшти Клиниката.

„Со пациентката е постапено по сите протоколи во вакви тешки случаи, со максимален залог на дежурната екипа на гинеколози и анестезиолози. Семејството на пациентката во целост беше навремено информирано за состојбата. И покрај сите заложби на персоналот, за жал дојде до смртен исход. Членовите на комисијата за следење и унапредување на квалитетот за здравствената заштита итно се состанаа за овој случај за да се направи увид, по што е констатирано дека се испочитувани сите процедури“ - пишува во соопштението на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Обдукцијата ќе ја покаже точната причина поради која настапила  смртта.

Во меѓувреме, велешкото јавно обвинителство со информации од предистражната постапка за смртта на 32- годишната Маја Кадиева и нејзиното бебе кои починаа во гевгелиската болница за време на „царски рез“. Двајцата лекари - анестезиолози биле пијани на работа, покажала анализата на крвта. Кај гинеколозите не е констатирано присуство на алкохол.

„Преземени се и други дејствија. Прибавена е целокупната медицинска документација што се однесува како на оперативниот зафат, така и на прегледите на родилката што и претходеле на зафатот и резултатите од извршените претходни испитувања. Во текот на изминатите два дена сослушан е поголем дел од медицинскиот персонал кој го извршувал оперативниот зафат“ - се вели во соопштението од ОЈО Велес.

Велешкото обвинителство ги има извештаите и од обдукцијата. Во тек се дополнителни анализи и испитувања, што треба да ги утврдат причините што довеле до смртта. 

 

Андријана Атанасовска