Најмалку 135 жртви во разорниот земјотрес во Авганистан

26.10.2015 16:38

Потреси се почувствувале и во Пакистан, Северна Индија, Непал и во Таџикистан. Според последните информации од медиумите загинале најмалку 135 лица, меѓу нив и 12 ученички во едно училиште...

Во денешниот силен земјотрес со сила од 7,5 степени по рихтер го погоди северен Авганистан. Потреси се почувствувале и во Пакистан, Северна Индија, Непал и во Таџикистан. Според последните информации од медиумите загинале најмалку 135 лица, меѓу нив и 12 ученички во едно училиште. Во Њу Делхи зградите од силниот потрес се нишале цела минута, што натерало стотици исплашени луѓе во паника да истрчаат на улиците.

„Бевме на час. Во тој момент го почувствувавме земјотресот. Помисливме дека престанал, но одеднаш почувствувавме и втор удар и сите почнавме да трчаме по скалите. Некои од студентите не излегоа бидејќи има само еден излез. Тоа беше проблем“, изјави Абу Бакер, студент

„Земјотресот беше многу силен. Целата зграда се тресеше. Прозорците се тресеа“, сведочи Мазхар Али, локален жител.

Во Пешавар, во североисточен Пакистан, каде што се урна зграда има десетици жртви. Во северните региони на земјата има прекин во електричните и телефонските мрежи. Потресот предивикал и неколку свлечишта крај Аботабад.

„До сега имаме примено 155 повредени луѓе, вклучувајќи и жени и деца“, изјави д-р Наџиб Камавал, Национална болница Хангарар.

„Бев дома кога удри земјотресот. Еден од моите внуци почна да трча кога се урна еден ѕид и го повреди“, рече жител на Кабул.

Земјотресот е регистриран на длабочина од 196 километри, а епицентарот бил на 82 километри југоисточно од градот Фејзабад, во оддалечен регион на авганистан, во планините Хиндукуш. 

Земјотресот силно се почувствувал и во индиската област кашмир каде што дошло до оштетување на некои патишта, а била прекината и електричната енергија.

Последниот разорен земјотрес се случи на 25 април годинава во Непал. Во него загинаа 9.000 луѓе, а 900.000 домови беа оштетени или урнати.

Марина Автовска