На бизнис- форум во Дубаи претставени можностите за инвестирање во Македонија

26.10.2015 16:51

Премиерот Груевски при посетата на Стопанско-индустриската комора на Дубаи, истакна дека Република Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, кои се карактеризираат со најнискиот даночен пакет во Европа, и со најниска ефективна даночна стапка во светот во износ од 7,4%...

Можностите за инвестирање во Македонија претставени на бизнис- форум во Дубаи. Главни адути на земјава се ниските даноци, договорите за слободна трговија, квалитетната работна сила. Фокусот е ставен на агробизнисот, информатичко – комуникацискиот сектор, текстилот и автомобилската индустрија.

Премиерот Груевски при посетата на Стопанско-индустриската комора на Дубаи, истакна дека Република Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, кои се карактеризираат со најнискиот даночен пакет во Европа, и со најниска ефективна даночна стапка во светот во износ од 7,4%. Додаде дека хендикепот со малиот национален пазар е надминат со потпишувањето на договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, со кои се овозможува пласирање на производите кои се произведени во Македонија на пазар од над 660 милиони потрошувачи, без плаќање на царини и останати надворешно трговски такси.

„Инвестициските можности кои Македонија ги нуди во сферата на агробизнисот, производството на храна, информатичко-комуникациските технологии, текстилната индустрија и во индустријата за автокомпоненти имаат синергија со Дубаи. Веруваме дека има мноштво можности за понатамошна билатерална соработка. Во ситуација кога трговијата помеѓу двете земји е недоволно развиена, треба да работиме на нејзино интензивирање и да капитализираме заедничка корист за двете земји, базирани на средината и политиките кои ги правиме“, истакна Маџид Саиф Ал Гураир, претседател на Стопанско-индустриската комора на Дубаи.

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо ги истакна поволностите кои се овозможуваат за реализација на инвестиции во нив, како што се даночните ослободувања.

„Денес остваривме средба и со Стопанската комора на Дубаи и она што Македонија го претставува пред оваа комора е многу значајно за да компаниите членки најдат соодветен интерес, зависно од сферата на работа, за да ја искористат Македонија за пласирање на своите производи или преку нашата држава да стигнат до европскиот пазар“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.