Нови 76 социјални станови за ранливите категории во Прилеп

27.10.2015 09:54

Нови 76 социјални станови во Прилеп државата им става на располагање на седум категории социјални случаи. Конкурсот е во тек, има голем интерес, а најмногу се пријавуваат самохраните родители и децата без родителска грижа. Овој проект на државата чини 130 милиони денари...

Прилепчанката Виолета Михаиловиќ е самохрана мајка со 13-годишно дете. Привремено живее со родителите и копнее за сопствен покрив над главата. Се надева дека ќе добие стан во новата социјална зграда во Прилеп.

„Се надевам дека ќе добијам такво право како што треба државата да им помогне на такви лица. Како и на сите, така и мене“, вели Виолета Михаиловиќ, самохран родител.

Виолета е една од 45- те самохрани родители кои досега поднесле барање за социјален стан во прилепскиот Центар за социјални работи. Досега се поднесени вкупно 123 барања за еден од 76-те нови социјални станови што ги изгради државата за 7 категории социјални случаи. Најзаинтересирани се самохраните родители и децата без родители, велат од Центарот каде имаат полни раце работа.

„Околу 123 лица ги имаат подигнато барањата за да можат да ги комплетираат документите. Во почетокот на ноември очекуваме дека сите оние кои ќе подигнат барања и ќе аплицираат“, изјави Снежана Јованоска, директор на прилепскиот Центар за социјални работи.

Становите во населбата Точила ги исполнуваат сите стандарди и се од 35 до 42 метри квадратни, а наемнината е прифатлива, од 400 до 1.000 денари.

„Зградата е градена според сите стандарди. Располага со енергетска издржливост и заштита. Пристапност има за сите категории ранливи“, вели Драган Василески, директор на Јавното претпријатие за станбен простор.

Конкурсот за распределба на становите во втората прилепска социјална зграда е до 16-ти ноември. Државата вложи 130 милиони денари.

 

Елизабета Митреска