Катарски бизнисмени заинтересирани за инвестиции во Македонија
За бизнисмените од Катар, привлечни за инвестиции се областите на земјоделието, производството на храна, енергетиката, телекомуникациите, градежништвото, инфраструктурата и недвижностите...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ја прими бизнис делегацијата на државата Катар, која на покана на негова покана престојува во неколкудневна посета на Република Македонија. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, целта на посетата е унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во различни области.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија има одлични политички односи со Катар и изразил силна поддршка за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Постојат многу неискористени можности и потенцијали за соработка и дека во периодот кој следи неопходно е да се зајакнат контактите меѓу бизнис заедниците на двете земји, со цел реализирање на конкретни проекти, посочил Иванов.
За бизнисмените од Катар, привлечни за инвестиции се областите на земјоделието, производството на храна, енергетиката, телекомуникациите, градежништвото, инфраструктурата и недвижностите.
Изминативе денови беа организирани и средби меѓу катарската делегација со институциите задолжени за привлекување на странски инвестиции, како и со домашни компании- членки на стопанските комори на Република Македонија.
На средбите беа разгледани бизнис можностите за инвестирање и беа претставени поволностите што странските инвеститори ги имаат во нашата држава, оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати, стои во соопштението.
Посетата на катарската бизнис делегација во Република Македонија, следи откако на почетокот на годината претседателот Иванов оствари средба со Емирот на Државата Катар, Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани, како и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на Катарската стопанска комора.
