Бизнисот да остане подалеку од политиката

27.10.2015 15:55

Фирмите се обидуваат да го задржат отимизмот во работењето и да ја минимизираат неизвесноста од политичките случувања. Ќе ги поддржат гранките каде што има најголем раст и можности за извоз...

Бизнис заедницата се обидува да го задржи отимизмот во работењето и да ја  минимизира неизвесноста и дополнителниот ризик што го носат актуелните политички случувања во земјава. Компаниите не очекуваат какви било санкции во случај на нереализирање на договорот од Пржино, затоа што станува збор за приватни компании кои немаат допирна точка со политиката.

„Целокупната заложба на бизнис заедницата е да се обидеме да го задржиме  целокупното високо ниво на оптимизам што е потребно за да може да продолжи  економскиот раст. Преголемата политизација на која сме изложени изминативе  месеци, нема да кажам некоја вистина, ако само потврдам дека влијае малку депримирачки на економијата, но затоа цениме дека во овој момент треба да ги  вложиме максимално своите заложби за продолжување на позитивните трендови  што во изминатиов период се случуваат во одредени гранки на нашето стопанство“, изјави Антони Пешев, претседавач на собранието на Стопанската комора на Македонија.

Поради економските ограничувања и политичките случувања во земјава, експертите   од Виенскиот институт очекуваат растот да се движи меѓу 3 и 3,4%.

„Околу три насто реален раст годишно е она што потенцијално, во овој момент Македонија може да оствари. Дали е тоа 3,2 или 3, или пак 3,4 % може да биде моментална коњуктура. Од гледна точка на потенцијален раст со овие економски  ограничувања, па потоа и со делумната политичка нестабилност, јас би рекол тоа е отприлика таа бројка“, смета Владимир Глигоров, Виенски институт за меѓународни економски истражувања.

Во вакво окружување стопанската комора презентира нови активности кои ќе овозможат исчекор и промена на деловната филозофија. Промовира 9 домашни фирми кои имаат производни капацитети во странство, формира Центар за истражување и Клуб на доктори на науки. Потпишан е и договор за соработка со реномираниот Виенски Институт, што ќе овозможи користење на неговите анализи и прогнози од интерес за домашните компании. 

 

Свето Николовски