Пелагонија: Се интензивира есенската сеидба

27.10.2015 16:05

Сончевата недела пред нас им влева надеж на земјоделците од Пелагонија дека ќе успеат да ги посеат планираните есенски култури. Од предвидените 19 илјади хектари, досега се насеани 30 насто, а активностите се интензивираат.

Пелагониските земјоделци конечно дочекаа идеални временски услови. Неколкудневниот сув период и поволната најава на синоптичарите за тековнава недела, полека ги враќаат на есенските сеидбени активности. Брзото испарување на површините ќе биде одлична можност да се доожнеат плодовите од пролетните култури и да се дообработаат парцелите, кои од пооданма се подготвуваа за есенската операција- велат земјоделците.

„Ваквото време одговара, деновиве ќе ги изорам парцелите затоа што со собирањето на пченката сум при крај и очекувам до крајот на неделава да започнам со сеење“, вели земјоделецот Петре Кичевски.

„Влагата сеуште е голема, но времето отвара, па така мислам дека сеуште има доволно време да се посее“, вели земјоделецот Владо Стојчевски.

Доколку времето биде сојузник по слабиот почеток, ќе се воспостави континуитет што ќе овозможи доближување  до сеидбениот план, кој опфаќа 19.000 хектари под есенски посеви.

Досега есенскиот сеидбен план исполнет е само со 30 проценти, а најавата дека ќе се има сончева недела ги подига надежите на земјоделците. Велат- вака дневно ќе можат да се сеат од 500-600 хектари.

Динамика која може да го скрати времето на пробиените оптимални рокови што е е од голема важност, додаваат експертите.

„Доколку се посее навреме, самиот коренов систем ќе функционира подобро, ќе го има навременото братење и потребната отпорност, во спротивно, приносите и самото напредување на културите ќе оди потешко“, вели раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, Илија Србиновски.

Најважно е што нема поголема опасност од репрза на минатогодишна сеидба. Следат денови кога механизацијата интензивно ќе работи во нивите.

До средината на идниот месец ќе се знае колку вкупно е насеано во оптималниот рок.

 

Стевче Митревски