Месечно по 15 предвремено родени бебиња на Детската клиника
Лекарите велат долга и тешка е борбата. Во мометов најмалото е 850 грама. Апелираат за поголема внимателност во бременоста...

Еден килограм - толку тежел Христијан кога дошол на свет. Бил роден во шестиот месец од бременоста, но неговата тежина се намалила на 900-тини грама. По три месечниот престој во инкубатор, за неколку дека ќе ја напушти Детската клиника и ќе биде во прегратките на родителите.
Месечно и по 15 предвремено родени бебиња има на одделот за интензивна нега на клиниката - лекарите велат долга и тешка е борбата. Во мометов најмалото е 850 грама.
„Секое детенце е посебен борец, кој, како ќе успее да се избори со ситуацијата затоа што сепак станува збор за предвремено родени дечиња каде што и белите дробови не им се доволно развиени, мозочето не им е доволно развиено, едноставно целиот организам расте во инкубатор. Досега не сме имале некои последици, но тука мораме да ја напомениме нивната понатамошна контрола“, изјави д-р Христина Манџуковска – Клиника за детски болести.
Лекарите апелираат за поголема внимателност во бременоста.
Се промени стилот на живеење, традиционалните вредности полека избледуваат. Се повеќе жени во светот на мајчинството влегуваат по 35-та година од својот живот. Драстично се зголемува бројот на инфекции кај трудниците- лекарите велат ова се само дел од причините за предвременото породување.
Андријана Атанасовска
