Бројот на жртви во земјотресот во Авганистан и понатаму расте
Бројот на загинати се искачи на повеќе од 330, над 2.000 се повредени, но се стравува дека бројот ќе расте, бидејќи спасувачките тимови се уште се обидуваат да дојдат до тешко пристапните региони...

Жителите на Авганистан и Пакистан ја минаа ноќта под ведро небо, стравуваат од нови потреси по вчерашниот страотен земјотрес од 7.5 степени по Рихтер. Бројот на загинати се искачи на повеќе од 330, над 2.000 се повредени, но се стравува дека бројот ќе расте, бидејќи спасувачките тимови се уште се обидуваат да дојдат до тешко пристапните региони.
„Примивме 152-ца повредени жители и им дадовме помош. За жал тринаесет им подлегнаа на повредите, има луѓе кои се наоѓаат во многу критична состојба“, вели доктор Малик Седулах.
Разурнати се многу домови, нема електрична енергија, телефонските линии се во прекин. Војската со хеликоптери доставува храна и вода. Земјотресот предизвика и свлечишта, а многу села се целосно отсечени.
„Земјотресот предизвика голема штета во долината Сват, овде каде што стојам. Домовите се сто процентно уништени“, вели локален жител.
Авганистанските талибанци соопштија дека нивните припадници ќе обезбедат помош и ќе им овозможат пристап на хуманитарните организации. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави дека се мобилизираат спасувачки тимови за помош во справување со несреќата и се собираат средства за помош на населението. Претседателот се обрати до нацијата.
„Земјотресот однесе многу жртви и предизвика голема материјална штета. Ги замолувам граѓаните да си помогнат меѓусебно. Најголема помош е потребна за луѓето кои се уште се затрупани“, изјави Ашраф Гани, претседател на Авганистан.
Во земјотресот од 7,6 степени по Рихтер, кој во 2005-та ги погоди Пакистан и Кашмир загинаа 80.000 луѓе, а повеќе од милион останаа без домови.
Марија Петковска
