Засилени економски релации со Емиратите, арапски бизнисмени подготвени да инвестираат во Македонија

27.10.2015 16:55

Македонија и Обединетите Арапски Емирати покрај добрите политички односи, ги засилуваат економските релации. Договорени се проекти во туризмот и во образованието. Премиерот Груевски и министерката за меѓународна соработка Касими разговарале за можни инвестиции во Македонија. Арапски бизнисмени се подготвени да вложат во земјава...

Македонија и Емиратите ги засилуваат економските врски. Ќе соработуваат на инфраструктурни проекти, во образованието, туризмот и во земјоделството. Министерката за меѓународна соработка и развој на Обединетите Арапски Емирати од Премиерот Груевски лично слушна за идните економски планови на Македонија.

„Имавме извонредна прилика да се сретнеме со првиот човек на министерството за меѓународна соработка и развој и да разговараме за соработката меѓу Македонија и ОАЕ и за можностите во иднина. Јас ја претставив Република Македонија и она што ние го правиме на план на економија, земјоделство, обрзование, здравство... Прикажав што се случува кај нас со бегалската криза, а од друга страна се интересиравме за можностите за соработка што ги има оваа институција која помага во многу страни во светот, во различни проекти поврзани со инфраструктура“, изјави премиерот Никола Груевски по средбата.

Било  договорено, македонските  институции да воспостават контакти со Фондот за развој на Абу Даби за реализација на проектите.

Фактот што претставниците на вашата влада се овде е показател за посветеноста на градењето пријателски и продлабочени односи со Обединетите Арапски Емирати. Разговаравме за повеќе аспекти од меѓусебната соработка, имам големи очекувања од оваа посета, за која сметам дека ќе ги подигне односите на многу повисоко ниво“, изјави Лубна Бинт Калид Ал Касими – министер за меѓународна соработка и развој на ОАЕ.

Владиниот тим, поволната бизнис-клима ја претстави и пред бордот на Стопанско–индустриската комора на Абу Даби. Премиерот Груевски ги информираше за реформите, најниските трошоци за бизнис, како и за склучениот договор за слободна трговија со сите земји во Европа.

„Ги презентиравме можностите за инвестирање, можностите за извоз од страна на нашите компании во ОАЕ, како и условите за водење бизнис во Република Македонија. Се користи и можноста за остварување на десетина билатерални средби со компании, и очекуваме ваквите контакти да донесат одредени позитивни резултати при што работиме сериозно да извлечеме максимум од ваквата посета“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Со вакви комуникации полесно се откриваат можностите за водење бизнис во Македонија.

„Овие посети им помагаат на нашите членки да ги откријат можностите во Македонија. Односите меѓу двете земји се многу добри, но треба да ги подобриме на тој начин што повеќе ќе правиме бизнис меѓусебно. Веќе има наши членки кои се подготвени да инвестираат во Македонија, ги разгледуваат можностите и се надеваме дека тие наскоро ќе инвестираат во Македонија“, рече Мухамед Ал Мухари, генерален директор на Стопанско-индустриската комора.  

Владиниот тим остварил и одделни средби со сопственици на компании. Бизнисменот Јален Ал Сари серозно размислува да инвестира во Македонија.

„Од она што можевме да го слушнеме, Македонија нуди големи можности за инвеститорите од делот на индустрија. Системот нуди субвенции за земјиштето, ослободување од даноци, мали давачки кон државата. На пазарот има висококвалификувани работници кои можат да одговорат на задачите, говорам за инженери и техничари. Нашата компанија е од автомобилскиот сектор и сметаме дека Македонија нуди лесен пристап до европскиот пазар. Македонија ја разгледуваме како база за излез во Европа, со ниски трошоци, а тоа се она што го посакуваат инвеститорите“, вели Јален Ал Сари – стопанственик и претаставник на бизнис заедница.

Абу Даби е центар на индустријата меѓу најголемите светски производители на нафта, кој активно ја шири својата економија во последните неколку години преку инвестиции во финансиските услуги и туризмот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска