Во Македонија нема да се градат кампови, остнауваат привремените транзитни центри
Податоците покажуваат дека бројката на мигранти секојдневно се зголемува, на дневно ниво бројот се зголемува за 20 лица или тоа значи на месечно за околу 600 повеќе...

1.500 луѓе на Богородица и 500 луѓе на Табановце. Толкав е капацитетот на привремено транзитните центри во Македонија. Во случај на забавување на протокот на мигранти само толкава бројка би можела да биде згрижена на неколку дена во земјава пред да ја продолжи рутата. Податоците покажуваат дека бројката на мигранти секојдневно се зголемува, на дневно ниво бројот се зголемува за 20 лица или тоа значи на месечно за околу 600 повеќе.
Од 2011 година, бројот на мигранти кои транзитирале низ земјава бил 469 лица, во 2012 година истиот пораснал на 682 луѓе, по разгорувањето на конфликтот во Сирија во 2013 година на нашата граница пристигнале 14.210 лица за оваа година да бидат регистрирани 424.656 мигранти.
Потеклото на регистрирани мигранти е генерално од Сирија. Дури 68%. Следна земја е Авганистан со 17%, Ирак со 8%.
Што се однесува до структурата на мигрантите, генерално се работи за мажи, по нив најмногубројни се жените, децата со придружба па децата без придружба.
Ова се податоци од истражувања кои што ги прават македонските институции и кои што биле соопштени на неделниот состанок во Брисел. Документот кој што заеднички го донеле учесниците таму не е правно обврзувачки.
Почнувајќи од неделава, секој четврток Македонија ќе биде дел од видео конференцијата која што ќе ја води претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер со земјите од мигрантската рута.
Ќе се разменуваат податоци, информации и ќе се кројат понатамошни планови за надминување на проблемот. Што се однесува до финансискиот дел, до сега македонските институции не добиле ништо, единствено 90 илјади евра се пристигнати на сметка на меѓународниот Црвен Крст.
Европските политичари ветиле дека ќе се заложат да ги надминат административните бариери и Македонија побрзо да ги добие ветените пари.
Катерина Топалова
