„Дуинг бизнис 2016“: Македонија 6-та најдобра бизнис дестинација во Европа и 12-та во светот

28.10.2015 08:19

Историски скок на Македонија во рангирањето на Светска Банка „Дуинг бизнис“, на 12 место од 189 држави во светот. Македонија е на второ место во светот по започнување бизнис и најдобар реформатор во Европа и Централна Азија. Методологијата на рангирање на Светска Банка е изменета од минатата година, со подетално оценување на прекуграничната трговија...

Македонија се најде на 12-то место во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска Банка за 2016-та година, со значително подобрување на сите индикатори за бизнис од последниот извештај. Подобро место за бизнис од Австралија, Канада и Германија. Најдобро пласирани во регионот. 

„Генерално извештајот „Дуинг бизнис 2016“ е возбудлив извештај затоа што со него заврши двогодишниот процес на менување на методологијата. Возбудливи вести за Македонија, бидејќи по многу индикатори функционира многу добро и целосно во рангирањето на 189 земји , Македонија се најде на 12-то место. Неверојатно, во индикаторот започнување на бизнис, Македонија од 189 земји е искачи на второто место, веднаш по Нов Зеланд. Во основа, процесот за започнување на бизнис во Македонија е многу лесен, едноставен, потребен е само еден чекор и може да се заврши за еден ден“, изјави Валентина Салтане, Светска Банка.

Македонија е рангирана на второ место од сите 189 држави во светот по започнување на бизнис, на 7-мо место по плаќање даноци, на 10-то за добивање на градежни дозволи и на 14-то место во светот по заштита на инвестициите. Ова ја прави Македонија најдобар реформатор во Европа и Централна Азија.

„Општо земено на Европа и Централна Азија им оди добро во извештајот „Дуинг бизнис“. Државите продолжија со активно спроведување на реформи. Најактивни беа Казахстан со 7 реформи, Руската Федерација со 5 реформи, Кипар со 5 реформи, и Македонија спроведе три реформи во изминатата година. Реформите повторно беа во областа на започнување на бизнис и заштита на помалите сопственици на акции. Очекуваме да видиме уште поголем раст и подобрување на бизнис климата за домашните бизниси во идните години“, вели Салтане.

Македонија е рангирана околу 40 до 50 место за регистрирањето на имот, добивање на електрична енергија и кредит. Па ова се областите во кои Македонија треба да работи на подобрување, оценуваат од Светска банка.

„Индикаторите каде што Македонија може да покаже поголемо унапредување се регистрација на имотот и инфраструктурно поврзување“, додава Салтане.

Од останатите држави во регионот најдобро по Македонија е рангирана Словенија на 29-то место, а најслабо рангирана е Босна и Херцеговина. Најдобро место во светот за бизнис и натаму останува Сингапур, следен од Нов Зеланд и Данска. Во овој извештај „Дуинг бизнис“ не е земено влијанието на бегалската криза во Европа, која ако продолжи ќе има негативно влијание. 

Ова е 13-ти извештај „Дуинг бизнис“ на Светска Банка, во кој Македонија е рангирана на 12-то место и се најде во групата на првите 15 најдобри економии во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ