АРМ: Генералштабот со нов портпарол
Нов портпарол на генералштабот е полковник Тони Јаневски...

Потполковник Тони Јаневски е новиот портпарол на Генералштабот на АРМ. На позицијата доаѓа од одделението за односи со јавноста во Здружената оперативна команда. Досегашниот гласноговорник на Армијата, полковник Мирче Ѓоргоски со указ на претседателот Иванов, е назначен за Aѓутант на врховниот командант. Полковник Јаневски вели дека не е исто да се работи на локално ниво и со националните медиуми.
„Ова е нов предизвик за работа со националните медиуми, меѓутоа јас ќе се трудам секогаш портата на двонасочната комуникација, која е добро отворена досега и која добро функционира во однос на прикажување на активностите на ГШ и на АРМ, како и вашиот интерес за одредени појави и настани, секогаш ќе биде отворена“, изјави потполковник Тони Јаневски, портпарол на ГШ на АРМ.
Полковник Ѓоргоски 9 години беше портпарол на генералштабот. Вели дека во тој период се направени крупни промени во Армијата во работата со медиумите. Во неговото си-ви се и ангажманот низ неколкуте циклуси вежби „Македонски блесок“ и од 2012-та, отворањето одделенија за односи со јавност во армиските единици. Како портпарол, соработувал со 5 министри за одбрана и 3 началници на генералштабот.
„Ако некој кој што сака да биде успешен чувствувал некаков притисок во својата организација и институција, јас сум имал уште еден притисок- никогаш да не се остави подолго од 15 минути или половина час чекање за информацијата која сте ја побарале“, изјави полковник Мирче Ѓоргоски, аѓутант на претседателот.
Армијата ќе продолжи со отвореноста и транспарентноста, вели началникот на генералштабот, Генерал-потполковник Величковски. Свесен дека тоа е единствениот начин да се оправда довербата.
„Она што анегдотски го кажавме, нема да се поздавуваме- затоа што согласно формациската поставеност на АРМ, полковникот Ѓоргоски и понатака останува во генералштабот, така што не може толку да се радува што си оди од тука“, изјави генерал-потполковник Методија Величковски, началник на ГШ на АРМ.
Неколкуте крупни кадровски промени во врвот на Генералштабот во изминатите два месеца се објаснуваат со фактот дека во Армијата се почитува напредувањето во кариерата.
Милчо Велески
