Донација од Чешка за Прифатниот центар за мигранти во Табановце

28.10.2015 15:37

Донацијата се состои од 10 големи шатори (6x9 метри) со систем за греење, 150 кревети со душеци на надувување со соодветни пумпи, 150 ќебиња и 150 вреќи за спиење. Вкупната вредност на донацијата изразена во евра изнесува 38.458 евра...

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Митко Чавков и Амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија, Мирослав Рамеш,  денеска го посетија Прифатниот центар за мигранти во Табановце. Во рамките на посетата беше потпишана декларација за донација од Република Чешка за Министерството за внатрешни работи, односно за потребите на Прифатниот центар во Табановце, соопшти МВР.

Донацијата се состои од 10 големи шатори (6x9 метри) со систем за греење, 150 кревети со душеци на надувување со соодветни пумпи, 150 ќебиња и 150 вреќи за спиење. Вкупната вредност на донацијата изразена во евра изнесува 38.458 евра.

Донацијата е резултат на активностите во рамки на Салцбуршкиот форум и неговите партнерски земји од Централна и Југоисточна Европа. Имено, на Министерската Конференција во рамки на Салцбуршкиот форум одржана на 4-ти и 5-ти мај 2015 година во Санкт Пелтен, Република Австрија беа дефинирани заедничките интереси на земјите учеснички, меѓу кои и подобрување на соработката со земјите на потекло и транзит земјите, како и разгледување на можностите за поддршка на најпогодените земји од мигрантската криза Македонија, Србија, Бугарија и Унгарија.

До крајот на годината најавени се уште донации.