Со регионална соработка до решение на проблемот со бегалците
Во период кога ЕУ носи парцијали и некоординирани одлуки за решавање на кризата, земјите кои се најмногу на удар мора да изработат заедничка стратегија за справување со проблемот...

Ќе биде погубно за регионот ако земјите се претворат во карантин за бегалци. Затоа е потребна платформа околу која ќе се обединат државите со цел да се амортизираат последиците од бегалската криза, смета професорот Кешетовиќ од Белград. Според него, во период кога ЕУ носи парцијали и некоординирани одлуки за решавање на кризата, земјите кои се најмногу на удар мора да изработат заедничка стратегија за справување со проблемот.
„Земјите треба да ги засилат билатералните контакти и заеднички да усвојат платформа со црвена линија под која нема да отстапат ниту во преговорите со ЕУ. Тоа е еден минимален заеднички интерес до кој ќе се придржуваат земјите, а кој ќе произлезе од искрен разговор. Тоа ќе биде добар прв чекор, за позиционирањето на нашиот регион. Во спротивно на нас – најцрно ни се пишува“, изјави Желимир Кешетовиќ, Факултет за безбедност Белград.
Напливот на мигранти, велат познавачите, ја доведува во прашање и безбедноста на континентот од причина што, како потврдуваат од МВР, меѓу бегалците се регистрирани и терористи чија крајна цел се земји од Европа.
„Протокот на терористите, условно речено, меѓу мигрантите постоел и порано, за време на војата во Авганистан, но сега ситуацијата станува многу посериозна и пострашна, затоа што бројот на бегалците е за неколку пати зголемен. Кризата на Блискиот Исток може да трае неколку децении, што би значело дека се повеќе бегалци секојдневно ќе доаѓаат кон Европа“, вели Лидија Велковска, советник во МВР.
„Кризите кои имаат карактер на глобален проблем не можат да бида решени само од една земја. Тие бараат сериозен и континуиран пристап од сите засегнати земји“, рече Оливер Бачановиќ, декан на Факултетот за безбедност.
Напливот на бегалци од ден на ден расте. Досега во земјава влегле безмалку половина милион мигранти.
Анита Димитријевска
