Полесно до сопствен дом со „Купи куќа, купи стан“
Утре започнува саемот „Купи куќа, купи стан“ во Сити Мол. Ќе се нудат попусти на актуелните цени на становите кои можат да достигнат и до 200 евра по квадратен метар...

Повеќе од 650 решенија за проектот „Купи куќа, купи стан“ додели Министерството за финансии. Скопјанецот Марјан Димовски во април доби позитивен одговор на апликацијата за субвенциониран стан. Неколку месеци подоцна се всели во својот дом. Вели- радоста не може да се измери по 15 години живот под кирија. Задоволен е што државата му пружи шанса за сигурна иднина.
„Не се опишува со зборови, не е тука син ми да ви објасни што значи за него да има сопствен дом, своја соба, самиот да си ја уредува, никогаш да не се плаши кога некој газда ќе не избрка од станот, кога ќе мора да бараме нов стан“, вели Димовски.
За Димовски решавањето на станбеното прашање е една од важните одлуки во животот. Аплицираше за моделот половина учество во проектот „Купи куќа, купи стан“. Неговата месечна рата изнесува 180 евра, помалку од киријата што досега ја плаќаше.
„Ги разгледувавме сите можности да стигнеме до наш, сопствен дом, меѓутоа условите беа лоши, едноставно високи беа каматните стапки на кредитите и не успевавме никако да стигнеме“, вели Марјан Димовски, корисник на проект „Купи куќа, купи стан“.
Според проценките преку проектот „Купи куќа, купи стан“ се заштедува и до 14.000 евра. Помошта доаѓа во првите пет години кога е и најтешко да се плаќаат ратите. За кредит од 50 илјади евра, месечната рата во првите три години е 300 евра, со проектот граѓаните плаќаат само 150, остатокот државата. Намалувањето на каматните стапки за кредитот дополнително ја направи атрактивна понудата, со што велат надлежните интересот уште повеќе се зголеми.
Дијана Ценевска
