Ставрески: Обезбедени средства за специјаланата обвинителка Јанева

28.10.2015 16:57

Владата обезбеди средства за специјаланата обвинителка Катица Јанева – објави вицепремиерот и министер за финансии, Ставрески. Вели дека одлуката за префрлување на сметката ќе се усвои наредната недела. Претходно, од Советот на јавни обивнители информираа дека нема да заседаваат за проширување на тимот на јанева затоа што таа и по втор пат го доставила истиот список со имиња за соработници...

Веќе е отворена сметка и е депониран потписот на Специјалниот обвинител Јанева како потписник, обезбедени се и средствата за работа - изјави вицепремиерот Ставрески. Тој посочи дека во интерес на земјата и на сите нас е да се овозможи непречена работа на Специјалниот јавен обвинител, особено да се обезбедат финансиски средства за остварување на планот за работа.

„На денешната седница на Владата одлуката ќе биде разгледана и очекувам Владата да даде поддршка и таа одлука ќе биде доставена до Собранието, на првата седница која е закажана за 2-ри ноември ќе биде потврдена или разгледана, и штом Собранието ја одобри, тогаш средствата ќе бидат префрлени на сметката и специјалниот обвинител ќе може да ги користи истите“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.  

Според првиот човек на советот, Аневски, и во последното барање на Јанева останува листата со стари имиња за нејзини соработници. Навела дека ги бара преостанатите од тимот поради можноста да бидат оформени нови предмети. Тој упати апел до Јанева да почне со работа не исклучувајќи дека во иднина може да биде зголемен бројот на обвинителите.

„Непотребно се крева тензијата. Обвинителите требаше да дадат свечена изјава, меѓутоа таа упати апел да не доаѓаат што е невидена работа досега во Советот и мислам дека треба Специјалното јавно обвинителство да почне си работи, а во иднина да се размислува за зголемување на бројот на јавни обвинители“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.

Од мисијата на ОБСЕ во земјава очекуваатдека партиите ќе си ги исполнат обврските од договореното.

„Ако се побара од нас на писмено да го регулираме односнот од страна на властите, ние би биле повеќе од кооперативни и среќни да помогнеме на државата во таа насока“, рече Нина Сумолаинен, шефица на мисијата на ОБСЕ во Македонија.

Специјалната обвинителка побара четиринаесет обвинители за тимот,  советот избра половина.

Фиљана Кока