Груевски: Посветени сме за побрзо спроведување на договорот

28.10.2015 17:24

Тој вели дека го поздравува ангажманот на странските дипломати и дека работните групи се во постојана комуникација...

„Македонскиот народ одлучува за својата иднина“ – ова е коментарот на премиерот Груевски откако амбасадорската петорка го повика на одговорност за неисполнувањето на политичкиот договор. Тој вели дека го поздравува ангажманот на странските дипломати и дека работните групи се во постојана комуникација.

„Работните групи се во постојана комуникација со олеснувачот. Наш интерес и интерес на државата е да има спроведување на договорот и ние сме многу посветени на тоа колку што е можно побргу да се случи“, изјави премиерот Груевски одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата за последниот извештај Дуинг бизнис.

Премиерот укажа и дека неговиот коментар на „Твитер“ за тоа дека народот ќе одлучи на избори не е ништо друго, туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите.

„На изборите одлучуваат граѓаните“, рече Груевски дополнувајќи дека неговиот коментар воопшто не е во колизија со напорите што ги прават претставниците на меѓународната заедница да и помогнат на Македонија за побрзо да се надмине сегашната ситуација во преговорите.