Лихтман: Клинтон, Буш или Рубио во трка за претседател

29.10.2015 10:24

Демократот Хилари Клинтон и Републиканецот Џеб Буш или Марко Рубио ќе бидат претседателските кандидати коишто од средината на март идната година ќе се борат за освојување на Белата куќа, ова е предвидувањето на аналитичарот Алан Лихтман, професор на Американ универзитетот и човек којшто досега не погрешил во анализите на американските избори...

Доколку повеќе Американци излезат на претседателските избори идната година ќе победи демократскиот кандидат, а ако има помал одѕив на гласачите ќе победи републиканскиот кандидат за претседател, прогнозира професорот Алан Лихтман, којшто е аналитичар со досега најточни предвидувања на изборните резултати во Соединетите Американски Држави. Според него, Хилари Клинтон е веќе сигурен кандидат за претседател на Демократската партија.

„Хилари Клинтон е најблиску да биде едногласно поддржан кандидат на Демократската партија. И помогна што Потпретседателот Џо Бајден не се вклучи во трката, но најмногу има помош од нејзините републикански противкандидати. Колку повеќе има промени, толку помалку ќе се менува политиката“, изјави Алан Лихтман, професор на Американ универзитет во Вашингтон.

Републиканците секогаш избираат кандидат којшто може да победи на изборите, вели Лихтман. Иако според најновата анкета на Њујорк Тајмс и Ен-Би-Си, докторот Бен Карсон води пред милијардерот Доналд Трамп, сепак Лихтман очекува дека Републиканците ќе го изберат сенаторот од Флорида, Марко Рубио или поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш за свој претседателски кандидат.

„Републиканците ќе имаат кандидат којшто порано бил на функција. На крајот, не верувам дека ќе бидат кандидати Карсон и Трамп. Само еден од нив ќе биде на прелиминарните избори во партијата. Ќе има алтернатива. Донаторите отсекогаш го поддржуваа Џеб Буш, но сега се пренасочуваат кон Марко Рубио“, вели Лихтман.

Покрај изборите за претседател, Американците ќе избираат и дел од сенаторите, па можно е Демократите повторно да го вратат мнозинството во Сенатот во 2016-та година.

Изборната кампања се засилува иако до претседателските избори во Соединетите Американски Држави има уште точно една година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ