Свечено отворена македонската амбасада во Токио

29.10.2015 10:49

Во своето обраќање пред присутните, министерот Попоски истакна дека ова е историски момент во македонско-јапонските билатерални односи, што претставува логичен чекор по 21 година успешни билатерални односи помеѓу двете држави...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, вчера, со свечена церемонија ја отвори амбасадата во Токио. Црвената лента ја пресекоа МНР Попоски, амбасадорот на Република Македонија во Токио, Андријана Цветковиќ и парламентарниот заменик- министер за надворешни работи на Јапонија, Мики Јамада, соопшти МНР.

Во своето обраќање пред присутните, министерот Попоски истакна дека ова е историски момент во македонско-јапонските билатерални односи, што претставува логичен чекор по 21 година успешни билатерални односи помеѓу двете држави.

„Луѓето во Македонија нема никогаш да ги заборават моментите на помош од Јапонија кога најмногу ни била потребна, како што е трагичниот земјотрес во 1963 година во Скопје. Јапонија е држава која ни пружа и финансиска и техничка помош години наназад. Таков пример е и последната донација за нашата држава за справување со мигрантскиот наплив со кој се соочуваме“, истакна тој.

На церемонијата присуствуваа околу 100 гости, претставници на дипломатскиот кор во Јапонија, како и претставници од бизнис заедницата.

„Амбасадата на Република Македонија за една година успеа да привлече и стекне голем број на пријатели и со тоа ја приближи Македонија до Јапонија. Досега, половина од мостот е изграден. Во иднина очекуваме отворање на јапонска амбасада во Македонија, со цел доградба на мостот кон нашето пријателство што се гради веќе 21 година“, истакна анбасадорката Цветковиќ.

Амбасадата на Република Македонија во Токио е официјално отворена во мај 2013 година, а првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија, Андријана Цветковиќ ги предаде акредитивните писма на Императорот Акихито во декември 2014 година. Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година.