Ниските камати – поттик за инвеститорите на Берзата
Ниските банкарски камати се можност за инвеститорите на берзата. Со внимателно тргување, на среден и на долг рок, може да се оствари поголема заработка. Сепак, граѓаните се уште ги преферираат банките, има раст на депозитите, пари кои потоа банките им ги позајмуваат на претпријатијата и се генерира раст на економијата...

Ниските камати на штедните влогови се мотивација за граѓаните, вишокот пари да го вложат на Берзата. Во услови на историски ниски камати, теоретски треба да се зголеми интересот за инвестирање во хартии од вредност, што би резулирало со зголемена цена на акциите, но во Македонија тоа не е случај, иако директорот на Берзата вели дека може добро да се заработи.
„Дефинитивно, инвеститорите со една внимателна селекција на акциите коишто се тргуваат на берзата можат да најдат добра можност за вложување на парите и да остварат поголем принос од моменталните каматни стапки“, изјави директорот на Македонската берза, Иван Штериев.
На оваа карта, дека граѓаните ќе почнат да размислуваат за алтернативни видови на штедење, играат и инвестициските фондови. Очекуваат зголемен интерес за вложување.
„Акциските фондови се добра можност за долгорочно вложување, бидејќи во однос на моменталните каматни стапки на среден и на долг рок нудат можност за остварување поголема стапка на поврат на средствата“, вели Лазе Камчев, директор на друштво за управување со инвестициски фондови.
Сепак, граѓаните во моментов повеќе ги преферираат банките и штедат на подолг рок со повисоки камати. Тоа го покажуваат и бројките, 40% од штедните влогови во денари претставуваат долгорочно вложување. Повеќе депозити, повеќе кредити за компаниите.
„Финансирањето на реалниот сектор е доминирано од банкарскиот сектор, а главниот извор на финансирањето на банкарскиот сектор се депозитите. Депозитниот потенцијал е клучна детерминанта за кредитниот раст, а оттаму е и поддршката за економскиот раст“, нагласи Анита Ангеловска – Бежоска, вицегувернер на НБРМ.
Народна банка во изминатиов период презеде мерки за стимулирање на долгорочното штедење во денари. Според последните податоци, 59% од вкупните депозити се во домашна валута.
Мартин Пушевски
