Началникот на ГШ на АРМ Величковски се сретна со амбасадорот Шчербак

29.10.2015 15:10

Двајцата разговарале за можностите и активностите кои би биле вклучени во Планот за билатерална воена соработка за следната година врз основа на годишниот План за соработка...

Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Шчербак во рамки на протоколарните средби со дипломатските претставници акредитирани во државата.

Како што соопшти прес-канцеларијата при ГШ на АРМ, двајцата разговарале за можностите и активностите кои би биле вклучени во Планот за билатерална воена соработка за следната година врз основа на годишниот План за соработка.

Генералот Величковски и амбасадорот Шчербак истакнаа дека соработката во областа на одбраната е од интерес за двете држави и во тој контекст се разгледуваат можностите за проширување на меѓусебната соработка во однос на стручна обука на персонал и други форми на воено-техничка соработка, стои во соопштението.

На средбата присуствуваше и одбранбеното аташе на Руската Федерација акредитиран во Република Македонија, морнарички капетан Евгениј Шитов.